Казна за среќните гаќи

Дисциплинската комисија на УЕФА, најави санкција за напаѓачот на данската репрезентација, Никлас Бендтнер, кој по постигнувањето на вториот гол против Португалија ги покажа гаќите на кои беше испишано името на една обложувалница.

Бендтнер со овој потег ги прекрши строгите правила на УЕФА според кои играчите не смеат јавно да покажуваат делови од опремата на кои јасно се појавуваат имиња на спонзорите на играчите.

"Не бев свесен дека со овој потег ги кршам правилата на УЕФА. Тоа е долна облека, која ми носи среќа и ги користам во текот на целата сезона", изјави Бендтнер.

Покрај фактот дека данскиот напаѓач го прекрши правилото на УЕФА, Бендтнер предизвика и реакција од конкурентска обложувалница, која пак се спонзор на фудбалската асоцијација.

"По реакцијата на нашиот спонзор, разговаравме со Бендтнер, кој веќе нема да ја користи спорната долна облека. Имавме средба со сите фудбалери и им посочивме дека треба да се почитуваат правилата", истакна портпаролот на Данската федерација, Ларс Берент.

Данска во последното коло за противник ја има селекцијата на Германија, а и покрај поразот од Португалија се уште е во позиција да се бори за пласман во четврт-финалето.

14 јуни 2012 - 15:13