Каква е ситуацијата на патот од Европа за Светско првенство 2022?

Октомвриската пауза за репрезентативен фудбал завршува вечерва, на повеќето селекции им останува да доиграат уште 1-2 меча во ноември. Но ретко во која група е решено кој ќе патува на големиот Мундијал 2022.

Прв учесник на Мундијалот од Европа стана Германија која што убедливо ја победи нашата репрезентација во Скопје со 0-4. Германците гарантирано се први во групата Ј.

Во групата А Србија треба да освои најмалку бод со Азербејџан за да го осигура баражот, а Португалија во иста вечер игра со Луксембург. Србите имаат 14 бода, Португалците 13 но и меч помалку од Србија. Во ноември оваа група се затвора токму со нивен меѓусебен дуел во Лисабон кога според предвидените проекции победникот ќе оди директно на Светско првенство.

Претходно избраниците на Фернандо Сантош одат во Даблин кај Република Ирска.

Во Група Б е крајно сложена ситуација: Шпанија е лидер со 13 бода, Шведска има 12 и е втора, но Швеѓаните имаат меч помалку (против Грција која има 9 бода и за некое чудо уште конкурира за првите две места) и може да ги надминат Шпанците.

До крајот Шпанија игра против Грција на гости и со Шведска дома. Скандинавците играат со Грција, па со Грузија на гости и со Шпанија на гости.

Грците до крајот со Шведска на гости, со Шпанија дома и со Косово дома. 

Во Група Ц лидер е Италија (14) бода пред незгодната Швајцарија која има 11 бода но и меч помалку (против Литванија на гости). Италија има најмалку бараж ако Северна Ирска (5 бода и меч помалку) не ја победи Бугарија.

Европскиот првак до крајот игра токму против директниот конкурент за прво место Швајцарија (дома) и со Северна Ирска на гости. Швајцарците ги чека Литванија (гости), Италија (гости) и Бугарија (дома).

Северна Ирска се надева на чудо до крајот: Бугарија (на гости), Литванија (дома) и Италија (дома). 

Група Д е права чорба: шанси за бараж нема само Казахстан. Франција е прва со 12 бода. Украина (8 бода), Босна и Херцеговина (6 бода и меч помалку), Финска (5 бода, исто меч помалку). Сите веруваат дека можат макар до баражот на пролет следната 2022 и да направат чудо.

Франција до крај игра со Казахстан (дома) и Финска (гости). Украина игра против Босна и Херцеговина дома и на гости. Босанците покрај овие два дуели со Украина играат и со Финска дома.

Финска ќе верува во чудо до крај: со Казахстан (гости) со Босна (на гости) и со Франција (дома). 

Во Групата Е, Белгија е апсолутен фаворит за првото место со 16 бода. Белгијците треба да го заверат директниот пласман со Естонија дома и Велс на гости.

Но во оваа група ќе се води жестока битка за второто место. Чешка и Велс имаат по 11 бода со тоа што Велс има меч помалку. Чесите до крај имаат само уште 1 меч (со Естонија на гости), а Велшаните ги чека Белорусија (дома) и Белгија (на гости). Притоа Велс има подобар меѓусебен скор од Чешка (победа 1:0 и реми 2:2 во Прага) но Чесите имаат подобра гол-разлика.

Група Ф: Најголем фаворит е Данска која веќе си обезбеди најмалку бараж. Имаат 21 бод и гол разлика 26:0. За второто место во оваа група по се изгледа до крајот ќе се борат Шкотска (14 бода), Израел (10) и Австрија (10).

Данците до крај играат со Австрија и Фарски Острови дома и со Шкотска на гости.

Шкотите кои се голем фаворит за место во баражот играат со Фарски Острови и Молдавија на гости и со Данска во последно коло дома за заверка на првите две места. Израел има 10 бода и за второ место треба да се надева дека Шкотска во следните три кола ќе собере најмногу 5 гола со полоша гол разлика, а Израелците ќе ги добијат своите три преостанати натпревари: Молдавија (дома), Австрија (гости) и Фарски Острови (дома).

Во групата Г лидер е Холандија (19 бода), но они уште не се сигурен патник на Светско иако се први. Второпласирана е Норвешка со 17 бода а трета е Турција со 15 бода и овие две репрезентации легитимно конкурираат за првите две места. До крајот Холандија игра со Црна Гора на гости и со Норвешка дома. Норвежаните покрај гостувањето во Амстердам ги чека уште и дуел со Латвија во Осло.

Група Х: 

Русија прва со 19 бода, Хрватска втора со 17 бода, Словачка трета со 10 бода.

Русите до крај играат со Кипар (дома) и Хрватска (гости). Хрватите кои долго време беа први ќе мора после Малта (гости) да ги победат Русите во директен дуел во Загреб за пласман на Светско 2022. Од овие две селекции една ќе оди сигурно во бараж.

Група И: Дури четири селекции конкурираат за првите две места. Англија (19) бода е главен фаворит за прво место. Ги чекаат уште дуели со Унгарија (дома), Албанија (дома) и Сан Марино (гости) за заверка на прво место и директен пласман.

Но многу е неизвесно второто место. Албанија изненади со 15 освоени бода, пред Полска која има 14. Играат меѓу себе вечерва во Тирана. Албанците до крај играат со Полска, Англија (гости) и Андора (дома).

Полјаците ги чека полесен распоред: Албанија (гости), Андора (гости) и Унгарија (дома). Унгарците кои имаат 10 бода играат со Англија (гости), Сан Марино (дома) и Полска (дома).

Во нашата Група Ј Германија е апсолутно прва и веќе удри печат на визата за Светско првенство. До крајот за место во баражот ќе има голема борба меѓу Романија, Македонија и Ерменија.

12 октомври 2021 - 11:36