Каков играч беше, како заврши - Еден Азар стави крај на кариерата на 32 години

Очекувано, не дека е неочекувано, Белгиецот Еден Азар реши и официјално да ги закачи копачките на клин и да прекине со активно играње фудбал. Од најдобар фудбалер во Европа во еден момент, до тотален пад и резерва во Реал Мадрид од каде никогаш не се крена повторно.

Во зенитот на својата кариера кога играше фантастичен фудбал, Еден Азар беше проценет над 100 милиони евра колку што Реал Мадрид одвои за него.

Белгискиот репрезентативец важеше за сјаен дриблер, вешт техничар кој правеше огромна разлика на теренот во корист на својата екипа. Со Челси освои голем број трофеи и се издвои како лидер на екипата во кого навивачите беа вљубени.

За жал, по преминот во Реал Мадрид, иако многумина очекуваа уште поблескави партии, неговата кариера стрмоглаво почна да паѓа. Преселбата во „кралскиот клуб“ беше тотално промашување и за Реал Мадрид и за него, па Еден реши да ја заврши кариерата сега на 32 години.

Постојаните повреди во комбинација со начинот на живот имаа последици долги години да дреме на клупата за резерви. Се поправи, качи голема килажа несоодветна за професионален фудбалер па затоа летово не добил ама баш ниту една понуда за да ја продолжи кариерата.

Тој и самиот призна дека многу сакал да јаде слатко но и да се слади на други солени специјалитети па поради килажа често и не пружал максимум на тренинзите а како резултат на тоа дојдоа и честите повреди.

Секогаш се случуваше само што ќе излезе од повреда, буквално на првиот следен меч да се повреди.

Азар беше незадоволен што не игра но и упорен во намерата да остане во Реал Мадрид до крајот на неговиот богат договор. Управата на „кралевите“ безуспешно неколку пати проба да го раскине договорот со него, откако веќе му плати астрономски 115 милиони евра на Челси за него.

Белгиецот имал некои планови да продолжи во Белгија или да се пресели во САД со семејството но жена му не сакала да се селат од Мадрид каде веќе се навикнале и децата и таа.

„Морате да се слушате себеси и да кажете „доста е веќе“ во прав момент. После 16 години и повеќе од 700 одиграни натпревари решив да ја завршам професионалната фудбалска кариера.

Успеав да го остварам сонот, играв и се забавував ширум светот. Во текот на целата кариера имав среќа да запознаам одлични менаџери, тренери и соиграчи. Им благодарам на сите за прекрасните моменти, сите ќе ми недостигате. Исто така сакам да се заблагодарам на клубовите за кои играв: Лил, Челси и Реал Мадрид и благодарност до репрезентацијата на Белгија.

Посебна благодарност до моето семејство, пријателите, советниците и луѓето со кои бев близок и во добри и во лоши моменти. На крајот, големо благодарам и до моите навивачи кои ме пратевте сите овие години каде и да играв“, напишал Еден Азар отворено соопштение до јавноста.

За репрезентацијата на Белгија со која играше на Светски и Европски првенства забележа 126 настапи и постигна 33 гола. Во клупската кариера во Лил, Челси и Реал Мадрид постигна 200 гола, имаше 193 асистенции и освои дури 15 пехари. Несомнено најголем трофеј му е оној со Реал Мадрид во Лига на шампиони.

10 октомври 2023 - 13:09