Сè тргнало наопаку во 2006. година. До 15 години Роберто бил обично дете кое одело во некоја фудбалска школа. Татко му продавал пијалаци на плажите и околу концертните сали, мајка му седела дома, а самиот Фирмино препродавал кокоси на брегот на Атлантскиот океан за семејството да не ја премине линијата на сиромаштија.
Родителите сакале синот да не трча по топката која го одвлекува од учењето и после неколку години се преселиле во поразвиен и побезопасен град од Масејо. Но Роберто го осуетил нивниот план и секогаш успевал да избега од прозор кога го заклучувале во соба со книгите по математика.
Така малиот Фирмино никогаш не го засакал школото и образованието, но го запознал својот спасител.
Тренирал во школото КРБ (Клуб Регатас Бразил), но овој клуб се повеќе тонел: владеела беспарица, немале пари, тренерите со месеци не добивале плата, а младинската школа работела сама по себе. Во таква атмосфера, Фирмино запознал еден добар човек по име Марселуш Портел којшто во КРБ работел како стоматолог.
„Кога првпат го видов како игра, веднаш сфатив колку голем талент е. Но таму никој не се интересираше. Кога им кажав дека еден ден ќе игра во репрезентацијата, ми кажаа дека сум полудел. Сега истите луѓе велат дека јас сум бил луд што не сум го видел“, се сеќава заболекарот по професија Портел.
Се што се случувало по запознавањето на Фирмино со овој забар делува како мит, но самиот Роберто подоцна раскажал дека се е вистина. Портел тогаш на малиот Фирмино му кажал да остане во КРБ каде состојбата не била добра и да се обиде нешто да промени.
Набрзо Марселуш Портел се запознал со семејството на Фирмино и од нив добил целосна доверба. „Портел ме поддржа тогаш кога никој не веруваше во мене. Ми беше како втор татко и ми даваше совети“, раскажува денес најдобриот играч на Ливерпул и стандарден бразилски репрезентативец.
Набрзо стоматологот Портел му станал духовен наставник, агент, тренер, со еден збор другар на Фирмино. Марселуш ги искористил старите контакти за да му организира проба во Сао Пауло но двонеделните тренинзи поминале без резултат.
Во првата недела на Роберто не му додавале, а во втората не покажал ништо ново, па набрзо го пратиле дома. Потрагата по нов клуб одново започнала.
Во 2008. година дошол во клубот Фигејренсе, познат тим од погорните лиги. Во КРБ тој играл најчесто пред обраната, а на пробата во новиот клуб правел шоу во нападот.
„На првиот тренинг даде два гола. Тогаш ни стана јасно дека мора да го задржиме. Како мал немаше некое посебно образование, но на теренот секогаш беше неверојатно бистар и паметен. Секогаш наоѓаше рационални решенија и брзо ја учеше тактиката. Гениј беше“, се сеќава Емерсон Марија, тренерот на Фирмино во Фигејренсе.
Во првите месеци по преминот во Фигејренсе, Фирмино практично не зборувал со никого и соиграчите се шегувале дека е нем. Се било толку чудно што многу играчи и тренери не знаеле ниту како се вика, а тој се срамел да ги исправа тие што грешно го викаат.
„Многу беше повлечен и срамежлив затоа што првпат отишол од дома толку далеку и на долго време. Мајка му плачела секој ден. Обично од прва ги паметам имињата, но со него имавме потешкотии. Неколку недели го викав Алберто: ’Алберто, сам, сам, до крај’ и тој одеше до крај“, се сеќава тренерот Емерсон Марија.
Целата забуна ја решил кондициониот тренер на Фигејренсе кој му кажал на главниот тренер дека детето не се вика Алберто.
„Еј, Алберто, дојди ваму“, му рекол главниот тренер, а Фирмино послушно дошол: „Ти не се викаш Алберто? -Не господине, јас сум Роберто. ’Па побогу, цел месец те викам неправилно а ти молчиш?’, се насмеале и двајцата и го продолжиле тренингот.
Развојот на Фирмино во Фигејренсе бил многу брз. За само една година од тивок играч на кадетите, станал лидер и добил 10-ка во првиот тим. Емерсон Марија бил воодушевен: „Роберто работеше и повеќе отколку што треба. 12 месеци не одеше никаде освен во клупската база“.
Во 2010. година Роберто Фирмино како лидер на тимот му помогнал на Фигејренсе да се врати во најдобрата лига на Бразил и веќе бил на радар на неколку европски клубови. Набрзо германскиот Хофенхајм за него платил дури 4 милиони евра што бил клупски рекорд, а потоа од Германија замина во Ливерпул за астрономски 41 милион евра. Кој би рекол за детето кое не знаело да зборува?
„Денес мојата игра е пола бразилска, пола германска“, вели Фирмино.
Скромниот забар Марселуш Портел којшто прв го приметил небрусениот бисер и го пратил во сериозен клуб, веќе не работи како стоматолог. Тој денес е најдобриот и најблискиот пријател на Фирмино кој се грижи за кариерата на еден од најдобрите бразилски фудбалери на денешницата.
Портел немал намера да прави сложени бизниси, да изигрува менаџер и да зарбаотува. Сакал и натаму да му помага на малиот Албер... Роберто.