Премиер лигата ја објави иницијативата за донирање средства за Националниот здравствен сервис (NHS) во борбата против Ковид-19.
Во соопштение објавено во средата, колективот на играчи потврди дека ја прифаќа акцијата „Players Together“ според која секој играч ќе одвои по 30% од своите примања во наредниот период, а парите ќе бидат пренаменети во NHS Charity Together, организација која собира средства за здравствениот систем во Велика Британија.
Имаше и такви (Вејн Руни) кои се бунеа против ова, односно сметаа дека таргетирана донација би била многу поефективна од кратење на плати на играчите.
Капитенот на Ливерпул Џордан Хендерсон разговараше со капитените на другите клубови за да основаат фонд за донации за здравствениот систем.
Ова ќе важи за сите играчи без исклучок. Акцијата го опфаќа и фудбалерот кој најмалку заработува во најпопуларната и најбогата лига на светот. Детето на Њукасл Метју Лонгстаф.
Метју Лонгстаф има 20 години, роден е во 2000-та во градот Ротерам. Сезонава се прослави нашироко со фантастичен дебитантски гол и тоа против големиот Манчестер Јунајтед. Дебитираше за Њукасл и даде преубав погодок. Интересно и на вториот дуел меѓу овие два тима, на „Олд Трафорд“ Лонгстаф постигна гол во поразот на Њукасл 4:1.
Во Њукасл игра заедно со брат му Шон Лонгстаф.
Метју се најде во приказната за целно кратење на платите на играчи и вработени во сите премиерлигаши, затоа што заработува 850 фунти (околу 975 евра) неделно и месечно стигнува до околу 3.900 евра. Ова го прави најслабо платен фудбалер во цела Премиер лига каде платите на играчите се астрономски. Сите првотимци на Њукасл имаат плата не помала од 1 милион фунти годишно, а најмногу од сите заработува Џонџо Шелви - 3,6 милиони.
Според ова Лонгстаф ќе дава 255 фунти неделно за фондот за НХС.
И покрај тоа што зема како и кој било друг работник со солидна плата во Велика Британија, далеку помалку од своите соиграчи и колеги, на Метју Лонгстаф не му сметало и нему да му биде скратена платата. Тоа значи дека во наредниот период Лонгстаф ќе заработува околу 1.170 евра месечно, што е далеку помалку дури и од заработките на фудбалерите во најсиромашните лиги.
Браќата Лонгстаф се родени во спортско семејство. Нивниот татко е поранешниот професионален хокеар Дејвид Лонгстаф кој настапувал за репрезентацијата на Велика Британија, а роднина им е Алан Томпсон, поранешен фудбалер на Њукасл, Селтик и Болтон со 1 настап за Англија.
Шон (22) сезонава до појавата на коронавирусот и прекинот, одигра 21 меч во Премиер лига со 1 гол а Метју (20) има 13 настапи во сите натпреварувања (7 во Премиер лига) и 2 гола (двата против Ман. Јунајтед). Договорот на Лонгстаф-помладиот со Њукасл потпишан во 2018-та истекува летово (на Шон му истекува во 2022 а веќе сериозно го барал Манчестер Јунајтед).
Клубот наводно сакал да ги продолжи договорите, но се ќе биде познато откако новите сопственици (фонд од Блискиот Исток) ќе го преземат клубот.