Приказната за славниот волк

Како Вулверхемптон станал светски шампион

Има приказни во кои не секогаш волкот е лош. Има земји во кој волкот е сакан и почитуван. Има и места, каде волкот живее во строг центар, како на пример во срцето на регионот Вест Мидленд во градот Вулверхемптон.

Точно меѓу булеварот Џек Хајард и улицата Ватерло се наоѓа стадионот Молино, а пред главниот влез на овој фудбалски храм има статуа на човек од бронза со топка во рака. Тој човек е Вилијам Били Амброуз Рајт, по професија фудбалер со прекар Светецот, затоа што на 541 натпревар никогаш не добил жолт картон, ниту бил исклучен.
 
Овој човек се родил на 6. февруари 1924. година близу градот Телфорд. Како митот за Свети Францис кој зборувал со волк, така постоел мит за Били Рајт дека е човекот кој го разбудил волкот, поточно екипата на Вулверхемптон која еден студен декемвриски понеделник во 1954-та ќе стане светски шампион.
 
Целата приказна започнува на 25. ноември 1953 година. Додека Вулверхемптон сигурно се шетал до титулата во првенството, Англија и Унгарија закажале дуел на титаните на Вембли. Дуел кој требал да покаже дали маестралните Англичани или феноменалните Унгарци се најдобриот состав во тоа време. Сепак Ференц Пушкаш, еден од најдобрите фудбалери во историјата немал милост кон преполниот Вембли и Унгарија славела со неверојатни 3-6. 

Кралот Ричард Трети тогаш побарал од екипата победа за Кралството во реваншот во Будимпешта, кој ќе се испостави како уште поголем срам и триумф на Унгарците од 7-1.
 
Во меѓувреме Вулверхемптон ја освојува титулата во Англија и закажува серија на пријателски средби со екипи надвор од земјата, за да ја измери својата сила. На 30 септември 1953 година за првпат се палат рефлектори на легендарниот Молино кој Волците ќе го отворат со победа од 3-1 над репрезентацијата на Јужна Африка. Таа година во Вест Мидленд гостувале уште и Селтик, Расинг Клуб од Аргентина, Фрст Виена, Макаби Тел Авив, Спартак Москва... 
 

Кога се објавило дека следен противник на Вулверхемптон ќе биде страшниот Хонвед, целата држава со внимание го чекала мечот. Шампионот на Англија против најсилниот во Европа. Воедно и шанса за одмазда за поразот на Англија од неверојатните Унгарци. Во составот на Хонвед имало дури петмина (Божик, Лоран, Кочиш, Пушкаш и Чибор) кои биле дел од унгарската селекција во триумфите над Англија. Капитенот на Вулвс, Били Рајт бил единствен репрезентативец од екипата.

На 13-ти декември 1954 година, околу 55.000 навивачи го пречекале Хонвед. Домашните играчи излегле со новите сатенски дресови кои блескале пред новите рефлектори. Снегот и мразот го направиле теренот вистинска ораница, така што условите не дозволиле убав фудбал за око. 

Унгарците брзо ја втишиле атмосферата по еден слободен удар на магионичарот Ференц Пушкаш, после кој Кочиш погодил со глава за 0-1 и молк на стадионот. Една минута подоцна, Свинбурн имал прилика да го израмни резултатот, но Унгарецот Фараго правел чуда на голот. Брзо Хонвед зголемил на 0-2 и домаќините го чекале полувремето.
 
Како во секој добар филм со среќен крај, домашниот тренер Стен Кулис во соблекувалните им одржал предавање и им објаснил на Волците дека се многу нервозни. „Вратете се на теренот и играјте како што играте секогаш“.
 

За само четири минути од вториот дел, Вулверхемптон се враќа во игра со голот на Хенкокс од пенал. Следувале два гола од Стјуарт и Свинбурн до крајот за целосен пресврт од 3-2 и урнебес на трибините. Мечот го пренесувал и радио и телевизискиот канал на БиБиСи.

На тој начин Вулверхемптон го совладал најмоќниот тим во тоа време, кој често е синоним за денешната Барселона. Натпреварот меѓу Вулверхемптон и Хонвед бил вовед и идеа за Купот на шампиони (денес ЛШ) кој ќе се формира неколку месеци подоцна.