Упростено, според финансискиот фер плеј на УЕФА, можеш да трошиш онолку колку ќе заработиш, па така останува нејасно како ПСЖ го прекршил правилникот а не беше суспендиран како Челси, Барса, Реал Мадрид и многу други.
Одговорот доаѓа од New York Times чиј новинар Тарик Панџа пишува: „Хипер богато спонзорство и едно око (а можеби и две) затворени од УЕФА.
„УЕФА се предаде без борба“ гласи насловот на истражувачкиот текст на Тарик Панџа на кого низ раце му поминале неколку документи со кој го откривал случајот чекор по чекор.
Во летото 2017, ПСЖ го купи Нејмар од Барселона за страшни 222 милиони евра! А набрзо потоа и чудото Килијан Мбапе од Монако за 180 милиони евра. Двајцата станаа најскапо платени фудбалери во историјата. УЕФА наводно отвори истрага за кршење на финансискиот фер плеј воведен пред неколку сезони, но истрагата траела една година.
На крај извештајот бил изготвен, а кога минатиот јуни стигнал на бирото кај Хозе Нарцизо да Куња Родригез, поранешен судија во Европскиот суд и шеф на канцеларијата на УЕФА која ги суспендира тимовите кои кршат финансиски правила, тој открил дека главниот истражител го спасувал ПСЖ.
Главен истражител бил поранешниот белгиски премиер и финансиски инспектор на УЕФА Ивес Летерм, па Куња Родригез му го вратил извештајот назад и побарал одново да го разгледаат.
„Одлуката да се затвори случајот беше и тоа како погрешна“, напишал Куња Родригез.
Авторот на текстот во Њујорк Тајмс вели дека тој ги видел документите кои откриваат како не само истражителите туку и самата УЕФА замижила пред најголемиот трошаџија во спортот - француски ПСЖ. УЕФА „ја минирала“ својата лична истрага и го спасила ПСЖ од суспензија и забрана за учество во Лига на шампиони. Со слични импликации се соочува и Манчестер Сити чиј подем беше финансиран од братот на првиот човек на Абу Даби.
Одбраната на ПСЖ во 2017 година тврдела дека богатите спонзорски договори на клубот со Катарските компании Ореду (телеком компанија), со Националната Банка на Катар и најголемиот спонзор на овие трансфери Qatar Tourism Authority (дал 100 милиони евра) направиле трансферите на Нејмар и Мбапе да станат реални.
Куња Родригез ги одбил калкулациите од Летерм во извештајот според кој се фаворизира ПСЖ и му се дозволува да пазари во загуба надвор од границите на УЕФА.
ПСЖ ја одбил одлуката на Куња Родригез за документот одново да се прегледува и го дала целиот случај во Арбитражниот суд за спорт во Швајцарија. Таму процениле дека немало процедурална грешка во извештајот на Летерм. Случајот бил затворен.
Притоа треба да се напомене и дека претседателот на ПСЖ, Насер ал Келаифи ја врши должноста член на извршниот комитет во УЕФА и е шеф на beIN Media Group, тв гигант со база во Катар кој дал милијарди да ги обезбеди телевизиските права од УЕФА.