Што значи Вердер Бремен во германскиот елитен фудбал?
- четирикратен шампион во Бундеслига
- шесткратен освојувач на Куп на Германија
- освојувач на Куп на Купови
- клуб ко-основач на Бундеслига
- екипа која поминала најмногу сезони во првата Бундеслига, повеќе од сите, дури и од Баерн Минхен
- трет клуб по број на освоени бодови во историјата на Бундеслига после Баерн и Борусија Дортмунд
- клуб кој за големи пари ги продаде Диего во Јувентус и Месут Озил во Реал Мадрид.
Во 2004-та година Вердер Бремен сензационално ја освои шампионската титула, последна во нивната клупска историја. Сè околу клубот изгледало така како да Вердер ќе се бетонира на врвот на Бундеслига и дури ќе го предизвика на борба вечниот хегемон Баерн Минхен.
Екипата предводена од тренерот Томас Шаф со ѕвезди како Жоан Мику, Бразилецот Диего и Миро Клозе, ги освои симпатиите на многу навивачи ширум Германија и општо Европа.
Но Вердер Бремен последниве години неочекувано почна да тоне во фудбалска бездна. Минатата сезона едвај се спасија во баражот за опстанок со Хајденхајм, а сезонава „зелено-белите“ по страшна серија од 10 меча без победа, се струполија директно во втора лига и го фатија патот на Шалке.
ВО ШТО ЛЕЖАТ ПРИЧИНИТЕ ЗА ТАКОВ РАЗВОЈ НА НАСТАНИТЕ И ИСПАЃАЊЕ ОД ЛИГА ПОСЛЕ ЦЕЛИ 40 ГОДИНИ?
Во 2004-та година Вердер Бремен ја освои златната дупла круна во германскиот фудбал. Со Мику, Диего, Аилтон, предводени од Томас Шаф, го совладаа Баерн во Минхен и ја освоија титулата. После пар недели го освоија и Купот на Германија.
Следниот период беше најуспешен во клупската историја. Вердер редовно играше Лига на шампиони каде еднаш стигна дури до четвртфинале а играше и финале на Куп на УЕФА. Клубот ги продаде главните играчи како Диего и Клозе но можеше да си дозволи скапи трансфери.
Во 2011-та го реконструираа и својот „Везерштадион“. Реконструкцијата од 2008 до 2011 чинела околу 75 милиони евра, повеќе од планираните 50 милиони.
КРАЈ НА ЕРАТА НА КЛАУС АЛОФС И ТОМАС ШАФ
После 2011-та година ситуацијата станувала сè полоша. Менаџерот на клубот Клаус Алофс терал своја политика и направил неколку трансфери од кои клубот не добил ништо. Алофс заминал од Вердер по крајот на сезоната 2011/2012. Година дена подоцна откако успеа да го спаси тимот од испаѓање во претпоследно коло, после 14 години тренер на Вердер, од Бремен замина и Томас Шаф.
По легендарниот мустаќлија Шаф, Вердер никако не можеше да „убоде“ добар стратег. Со Робин Туд се разделија после пола година. Во структурата на клубот беа и Виктор Скрипник и Александр Нури но не донесоа никаков успех.
Резултатите станувале се полоши а борбата за опстанок како добро утро од година во година. Легендата на клубот Франк Бауман станал генерален менаџер а Флориан Кофелдт тренер.
Вердер Бремен во мај 2020-та едвај се спаси во бараж да не испадне во дуел со Хајденхајм и тоа само благодарение на гол на гости останаа во прва лига. Бауман и покрај најлошата сезона во историјата на клубот, решил да не го менува тренерот Кофелдт.
НАЈЛОША ЦРНА СЕРИЈА ВО ИСТОРИЈАТА
Вердер Бремен сезонава имаше серија од 7 порази по ред, нешто што не му се случи ниту на очајниот Шалке кој уште на полусезона крена бело знаме.
Поради финансиски проблеми управата на Вердер не можела да го отпушти тренерот Флориан Кофелдт кој останал инаетџија до крај на сезоната да го води тимот.
Но по поразот од Аугзбург, управата не можела веќе да губи време и го отпуштила тренерот кој ја остави екипата на 16. место на табела. Томас Шаф го вратиле на еден меч со цел да го спаси својот клуб од срамно испаѓање - дуелот во последно коло против Борусија Менхенгладбах.
Ситуацијата многу личела на онаа од 1999-та година кога Шаф дошол и ја спасил екипата во претпоследното коло од сезоната токму против Борусија Менхенгладбах.
Но ни Шаф не можеше да го исправи она што со години е криво садено. Борусија глатко победи со 2-4 среде Бремен и го турна Вердер во бездната наречена Цвајта. Во 67’ минута Вердер веќе губеше со 0-4, на крај само го ублажија поразот на 2-4. Овој пораз значеше и дефинитивен крај на сите надежи за спас.
А се спаси Келн кој ќе игра во баражот за Бундеслига против Хајденхајм, третопласираниот тим од втората лига сезонава.
КАТАСТРОФАЛНА ФИНАНСИСКА СОСТОЈБА
На денешен ден Вердер Бремен се наоѓа во катастрофална финансиска состојба. Ситуација била екстремно тешка уште пред глобалната пандемија, а последните две сезони буквално го скршија клубот.
После минатата сезона кога фудбал се играше без гледачи па клубот не заработи приходи од карти а паднал и бројот на спонзори и тв приходи, Вердер покажал рекордна загуба од 27,5 милиони евра!
Сезонава минусот може да оди на повеќе од 30 милиони евра, а општата задолженост на клубот изнесува 75 милиони евра!
Кулминација на сите проблеми е што клубот поради финансиски маки не поминал лиценцирање. Лигата му издала на Вердер Бремен како и на други клубови привремена лиценца и го обврзала до 15 септември да претстави финансиски гарант за следната сезона.
Без тој гарант Вердер го чекаат санкции: од казна со одземање -6 бода до во најлош случај одземање на лиценцата за настап.
Оваа ситуација го натерала клубот да ги објави сите долгови и да бара помош од навивачите. Клубот веќе собрал 10 милиони евра од разни поволни банкарски кредити, а планираат и да продадат неколку играчи како и да продадат неколку илјади сезонски карти и покрај тоа што уште нема да се игра со гледачи.
Вердер Бремен само еднаш испаднал од германската Бундеслига и тоа во сезоната 1979/1980 кога завршил на 1 место. Во сезоната 1980/1981 убедливо биле први во втора лига и експресно се вратиле во елитата.
Дали и овојпат ќе биде така или клубот ќе продолжи да тоне?