По 38. одиграни кола во Премиер лига, Манчестер Сити освои вкупно 93 бода и заслужено е крунисан за старо-нов првак. Четврта шампионска титула во последните пет години за Пеп Гвардиола и Сити!
Гигантот од Манчестер до последно коло се бореше со силниот Ливерпул за титулата а на „црвените“ покрај триумф над Вулверхемптон им требаше и „граѓаните“ да не победат.
Во еден момент Сити губеше убедливо 0-2 а Ливерпул имаше 1-1 и бркаше победа за неверојатен пресврт во трката за титулата.
Но на „Етихад“ се случи лудница. Астон Вила предводена од Стивен Џерард, клупската икона на Ливерпул, водеше буквално до 76' минута и тоа сo гол на детето на „црвените“ Фелипе Кутињо и се очекуваше само на „Енфилд Роуд“ да дојде до промена на резултатот во корист на финалистот во Лига на шампиони, за да бидне експлозија од радост меѓу навивачите на Ливерпул.
Во 68' минута наместо Бернардо Силва во игра влегува Илкај Гундоган и тоа беше клучен момент.
Избраниците на Пеп Гвардиола одиграа прибрано во продолжение од мечот, успеаа прво да намалат преку Илкај Гундоган во 76' минута. Шпанецот Родри со прекрасен гол направи еуфорично лудило на „Етихад“ само неколку секунди подоцна за 2-2 а Гундоган во стилот на Серхио Агуеро само во 81' минута постигна убав погодок за целосен пресврт 3:2 и победа која значеше шампионско славје!
Триумф во само 5 минути и неколку секунди!
Ливерпул победи 3-1 после пресврт. „Црвените“ на Јирген Клоп губеа 0-1 уште од 3' минута кога Педро Нето ги смрзна домашните навивачи, но прво Садио Мане во 24' минута израмни на 1-1 за да во вториот дел Мо Салах во 84' и Ендрју Робертсон во 85' минута да ги постават конечните 3-1 за Ливерпул. Пирова победа на силниот состав кој сега го чека големо финале на Лига на шампиони против Реал Мадрид.