Деновиве агентот на Мурињо, Жорге Мендес беше зафатен околу преговорите со Челси за потписот на португалскиот стратег, исто како и во 2008-та година кога Жозе беше отпуштен од овој клуб и кога Мендес се обидуваше да му најде нова работа.
Да успееше тогаш Мендес да ги исполни своите планови, тогаш европскиот фудбал денес ќе изгледаше сосема поинаку. Суперагентот во име на неговиот агент преговарал со Барселона. Работата била скоро завршена, но на крајот Мурињо бил одбиен заради неговиот карактер.
Минатата година од печат излезе книгата "Barca: The Making of the Greatest Team in the World" од Греам Хантер, дописник на официјалната вебстрана на УЕФА од Барселона. Тој има „инсајдерски" пристап до информациите во клубот, па во својата книга открива интересни пикантерии, а една од нив е и за преговорите со Мурињо.
Се започнало во февруари 2008-та година кога Барселона предводена од Франк Рајкард заостануваше 8 поени зад Реал Мадрид. Спортскиот директор Бегиристаин и потпретседателот Ингла веќе составиле список со имиња како можни наследници на Рајкард, а на него се наоѓале Лорент Блан (тогашен тренер Бордо), Ернесто Валверде (тогаш тренер на Еспањол) и Пеп Гвардиола (тогашен тренер на Барселона Б).
Последно име дополнително додадено на овој список е Жозе Мурињо кој има поминато 4 години во Барселона како преведувач и помошник тренер. Агентот Мендес кој бил во многу добри односи до претседателот Лапорта, постојано им се јавувал на челниците на Барселона и им вршел притисок, велејќи им дека Мурињо сонува само за тоа да стане тренер на Барселона.
Ингла и Бегиристаин тајно отпатувале во Лисабон на состанок со Мурињо. За книгата на Хантер тие изјавуваат дека Мурињо им одржал трочасовна презентација во Powerpoint и бил полн со самодоверба. Интересно е што Мурињо самиот го предложил Пеп Гвардиола за свој помошник.
Но имало еден проблем. „Му реков: Жозе, нас не загрижува тоа што имаш агресивен настап во медиумите, шириш пожари и војуваш насекаде. Тоа не е наш стил", раскажува Ингла. „Тој ме погледна во очи и ми рече: Знам, но тоа е мој стил. Нема да се променам."
Кога Бегиристаин и Ингла се вратиле во клубот, тие на останатите членови на управата им рекле дека биле импресионирани од Мурињо и дека се уверени дека Португалецот ќе донесе трофеи, но и двајцата дале препорака тој да не се ангажира заради неговиот карактер.
Дел од останатите членови на управата не ја прифатиле нивната сугестија и го поддржале изборот на Мурињо. Листата била скратена само на две имиња: Жозе или Пеп. Управата била поделена, а конечната одлука ја донел претседателот Лапорта.
Според критериумите на клубот, Гвардиола не го исполнувал критериумот за искуство во елитен ранг, а Мурињо немал докажани карактерни квалитети. Од двата критериуми, за Барселона бил поважен вториот.
Дури и Гвардиола не бил сигурен дали е подготвен за големата работа. Неискусниот 37-годишен тренер и самиот предложил да го ангажираат Мурињо со кого бил во добри односи додека заедно биле во клубот, а тој да му биде асистент.
Но челниците на клубот имале доверба во него и го одбиле Мурињо заради неговиот карактер. Токму ова одбивање е причината за огорченоста и омразата на Мурињо кон Барселона, како и мотив за тој во 2010-та година да ја прифати поканата од Реал Мадрид и засекогаш да си ја затвори вратата во каталонскиот клуб.