Трансферот на Лука Модриќ во Реал Мадрид беше официјализиран на 27 август 2012-та, а дека е спремен за дестинација во елитен клуб каде би се натпреварувал за највисоките почести, стана јасно од неговите настапи за Тотенхем и Хрватска.
Плус 26 годишен, идеална возраст со фудбалска зрелост. Англичаните се бореа да го задржат и го отфрлија интересот на Челси, но на крај му дозволија да се пресели во странство за сума од 30 милиони фунти.
„Притискав Реал Мадрид да потпише со Модриќ бидејќи тој имаше сè што ни требаше за тимот: техника, визија и добро читање на играта, квалитет при донесување одлуки, брзина на размислување, може да игра со топката долго или кратко, да постигнува гол надвор од шеснаесетникот, знае како да притисне и е интелигентен со позиционирањето. Сето тоа ни требаше во Реал Мадрид“, изјави подоцна Мурињо во интервју за хрватскиот весник „Спортске новости“.
Сè изгледаше подготвено Мадрид да доминира, откако Мурињо претходната сезона 2011/2012 ја собори Барселона со стил. Ја освои титулата со рекордни 100 поени и 121 постигнат гол.
Ги имаше шампионите Икер Касиљас, Раул Албиол, Серхио Рамос, Алваро Арбелоа и Чаби Алонсо, кои тоа лето 2012 станаа европски прваци со Шпанија, а во Барселона заврши ерата на Гвардиола.
Реал не продаде ниту еден играч од големо значење, а Модриќ пристигна заедно со Мајкл Есиен и Диего Лопез. Во прв тим од школата беа промовирани Алваро Мората и Начо Фернандез. Примарната цел на клубот беше 10-та титула во ЛШ и прва после 2002-ра, која Мурињо веќе ја имаше освоено со два различни клуба.
Модриќ заигра меѓу двете финалиња во Супер Купот против Барселона и влезе од клупа на Бернабеу за да им помогне на кралевите кои славеа 2:1 и го освоија трофејот со вкупни 4:4. Но тој трофеј ќе биде единствен кој ќе го освојат во сезоната 2012/2013.
Во првите четири кола избраниците на Мурињо освоија разочарувачки четири бода, а Барса под водство на Тито Виланова по првите 19 кола блесна. Ги победи сите, освен Реал со кој одигра дома 2:2.
Лука едвај се вклучи во тој катастрофален старт на Реал кој одигра реми со Валенсија, па загуби од Гранада и Севиља. Потоа почна да се интегрира во тимот кој ја врати сезоната на вистинскиот пат со освоени 22 поени од можни 24.
Во тоа време, тој најчесто играше како број 10 во фаворизираната формација на Мурињо 4-2-3-1, но не успеа да учествува во головите што се очекуваа во таква улога.
Во претходната сезона, Месут Озил забележа импресивни 28 асистенции и 7 гола. Таква блескава статистика се бара во клуб познат по своите Галактикос.
До Божиќ, Модриќ постигна само еден гол и направи една асистенција и се најде на работ на преферираните 11 на Мурињо. Мадрид заостануваше шокантни 18 поени зад лидерот Барса и некаде мораше да се најде вината.
Токму во тој момент Марка како весник близок до Реал направи анкета со прашање „Кој е најлошиот трансфер на сезоната?“. Модриќ беше на врвот на листата со 32% од гласовите, пред Алекс Сонг од Барселона.
„Ова е Реал Мадрид. Разбирам дека има голем притисок за новите засилувања да успеат овде. Не барам изговори, не сум таков човек, но голем предизвик е да се прилагодам на животот во голем клуб како Мадрид. Имав неколку добри настапи, ако не и на секој натпревар, но верувам дека можам да докажам дека имам што да понудам“, изјави Модриќ за хрватскиот печат.
Тоа што го направи потоа Модриќ за Реал е непотребно да се зборува и повторува. Доволно е само да се споменат четирите титули во ЛШ, како и освојувањето на двете најголеми и највредни индивидуални награди во фудбалот, Златна топка и FIFA World Player. Да не почнуваме да го величиме како игра од 30-та година па до ден денес, бидејќи ќе ни снема хартија. Мозок.
Модриќ никогаш не бил број 10. Тој не е Озил. Бројките во текот на неговата блескава деценија во Примера се споредливи со оние на Андрес Иниеста и Чави Ернандез. Сепак, беше потребно време за тоа да стане јасно во главниот град на Шпанија.
Големата разлика помеѓу она што е и што не е Модриќ, се виде во полуфиналето на ЛШ во таа дебитантска сезона за заборав.
Во улогата број 10 на првиот меч на гости во Дортмунд, Мадрид беше декласиран со 4:1. Нивниот среден ред не можеше да се справи со интензитетот на пресингот од страната на Јирген Клоп, а сите четири гола ги постигна Роберт Левандовски.
На Реал му недостигаше контрола на првиот натпревар, која успеа да ја добие кога Мурињо направи тактичка промена на Бернабеу. Модриќ се придвижи подлабоко кон партнерот Чаби Алонсо во средниот ред и ја водеше играта.
Оствари 70 додавања, повеќе од двојно отколку што имаше на првиот натпревар и најмногу од сите. Кралевите победија со 2:0 и беа само на на еден гол до пласман во финале.
Тоа беше играчот од средниот ред што се навикнавме да го гледаме во изминатата деценија, кој никогаш не падна.
Потоа дојде Карло Анчелоти, а си заминаа Озил и Кака. Една година подоцна пристигна Тони Крос, а Касемиро почна да се пробива.
Реал Мадрид се адаптираше од 4-2-3-1 повеќе кон 4-3-3, систем кој му дозволува на Модриќ да доминира во улога некаде помеѓу плејмејкер во длабочина и треквартиста. Исто како Чави и Иниеста.
Вонсериската асистенција на Модриќ треба да се урами и стварно се урами
Маестралниот Модриќ кој го претрча пола тим на ПСЖ и на Бензема му ја даде на тацна