Како Катар стана светска фудбалска сила

Добивањето на правото за организација на Светското фудбалско првенство во 2022-та година е само дел од планот на Катар да стане главен играч во глобалната игра.

 

Скоро непозната и незабележана земја на фудбалската мапа, најбогатата држава во светот со БДП од 103.900 долари по глава на жител, Катар сега стана главен играч и го освои светскиот фудбал.

Во 2011-та година фондацијата од Катар плати 150 милиони евра за пет-годишен спонзорски договор со Барселона. Две години подоцна, овој чуден договор со кој државната добротворна рака спонзорира фудбалски клуб, се претвори во прв вистински корпоративен спонзор за Барселона.

Катар Ервејс вложи 96 милиони евра за три-годишен договор со кој нивното име се најде на дресовите, на фасадата на Камп Ноу, на седиштата на стадионот, па дури и во клупскиот музеј.

Со нафтените пари во 2011-та година Катарците го купија и ПСЖ. Договорот за купувањето на клубот следеше по еден ручек на Николас Саркози, Мишел Платини и Тамим бин Хамад ал-Тани.

Катарците не само што го добија клубот, туку и го добија гласот на Платини за организацијата на Светското првенство во 2022-та година, а синот на Платини стана прв човек на компанија за спортска опрема во сопственост на Qatar Sports Investments - државната компанија која го купи ПСЖ.

Другата силна страна на катарската стратегија е преку Aspire академијата. Програмата за откривање на таленти надгледува 400.000 млади фудбалери во Африка, Азија и Јужна Америка. Талентираните фудбалери потоа ги регрутираат во тренинг центри во Африка, Парагвај, Тајланд и Виетнам.

Aspire академијата во Доха има врвен тренинг центар кој неколку години наназад ги привлекува силните европски екипи како Баерн Минхен, Манчестер Јунајтед и Ливерпул на топли подготовки во текот на зимскиот период.

Минатата година Aspire го купи белгискиот второлигаш Еупен каде ги праќаат надежните фудбалери од академиите од Сенегал и Доха на доусовршување и добивање на искуство.

Проектот наречек Aspire академија има цел да регрутира талентирани фудбалери од целиот свет кој ќе тренираат и ќе се школуваат во Катар, а потоа ќе добијат пасош и шанса да играат за нивната репрезентација, но генералниот директор Иван Браво, поранешен директор на Реал Мадрид, тоа го негира. Според него, програмата има само општествена одговорност и им помага на младите луѓе од целиот свет.

Една од стратегиите на Катарците е и „купување" на фудбалски ѕвезди. Помеѓу луѓето кои секогаш зборуваат позитивно за Катар, а тие ги нарекуваат нивни амбасадори се и Пеп Гвардиола, Зинедин Зидан, Габриел Батистута, Меси, Пеле...

Добивањето на правото за организација на Светското првенство во 2022-та година беше само дел од планот на Катар да стане светска фудбалска сила.

20 јануари 2014 - 10:08