Ла Лига тогаш беше сосема поинаква. Во летниот преоден рок тогашниот претседател на Реал, Рамон Калдерон долго и неубедливо го продаваше Робињо и им се намерачи на холандските фудбалери.
Во неговиот идеален фудбалски свет, Холанѓаните беа пола екипа на Реал Мадрид. На Робен, Снајдер, Ван Нистерлој и Ројсон Дренте им се приклучија Ван дер Варт и Хунтелар.
Набрзо се испостави дека никој од нив не е за Реал Мадрид. 32-годишниот Ван Нистерлој на стартот од сезоната доживеа тешка повреда и воопшто не играше.
Лидерите на свежата холандска генерација Снајдер, Ван дер Варт и Робен останаа на клупата за резерви во првите две кола. Својата класа ја потврдија подоцна во други клубови.
Дебаклот со холандската колонија кулминираше со очајните партии на талентот со златни предни заби - Ројсон Дренте. Тој во сезоната 2008/2009 играше толку слабо што го исвиркуваа дури и сопствените навивачи.
Во таа сезона се случи и најбудалестата работа во историјата на европскиот фудбал.
Португалецот Пепе на еден меч против Гетафе разулавено почна да го шутира и рога противничкиот центарфор за што доби исклучување и суспензија од 10 меча!
Во зимскиот преоден рок Реал Мадрид се заинтересира за Аршавин, но го купи фудбалерот од средниот ред на Вест Хем Жилиен Фобер за кого никој немаше слушнато до тогаш.
Фобер не давал голови ниту имал асистенции за Вест Хем, не играл за репрезентацијата на Франција и често се повредувал.
Па згора на сè дресот му го врачи најголемата легенда во историјата на Реал Мадрид, Алфредо Ди Стефано.
За пола година во Реал Мадрид Фобер постигна два гола и имаше една асистенција, два пати влезе од клупата а еднаш и задрема на клупата за резерви.
Но имаше и моменти за паметење. Убави секако. Раул таа сезона стана рекордер по бројот на голови за Реал Мадрид. Сега легендарниот Шпанец е на второ место а кој е прв не е тешко да погодите.
Најдобар стрелец на Реал Мадрид во таа сезона стана Гонзало Игуаин. 21-годишниот Аргентинец постигна 22 гола.
Сезоната 2008/2009 беше последна во кариерата на еден легендарен италијански стопер. Фабио Канаваро емотивно се прости од навивачите на Реал и се врати во Јувентус да ги доигра последните месеци од кариерата.
Од составот во 2008/2009 сега за Реал играат само Марсело и Серхио Рамос. И двајцата со драстично сменети фризури:
Најјаката изјава во историјата на Реал Мадрид таа сезона ја даде тренерот Бернд Шустер. „Мечот против Барселона најмалку ме плаши од сите останати. Ние не можеме да победиме, зошто Барса изгледа страшно. Мислам дека ова ќе биде нивна сезона.“
Следниот ден го избркаа.
За негов наследник беше назначен Хуанде Рамос. Поранешниот тренер на Тотенхем го демантираше Шустер: освои 52 од можни 54 бода во Примера сезоната.
Во месец мај, пред ел-класико во Мадрид Реал поторно и се приближи бодовно на Барселона. Но џабе беше се затоа што Барса ги згроми со историски 2:6 на „Сантијаго Бернабеу“.
На крајот Барселона стана шампион и заслужено ја освои титулата. Година дена претходно клубот од „Камп Ноу“ заврши трет.
Таа сезона беше дебитантска за тренерот Пеп Гвардиола кој покажа дека ќе биде светска класа.
Пеп смени многу нешта во составот а во првиот тим го прекомандува Серхио Бускетс кој од тој момент до денес е неизоставен дел од екипата.
Во одбраната се појави уште еден дебитант - Жерар Пике а по десната страна прва сезона во Барса играше и Дани Алвеш.
Круна на се беше појавата на 21-годишниот Меси кој по заминувањето на Роналдињо ја зеде слободната 10-ка. Лионел веќе не играше под бројот 19 а таа сезона 2008/2009 стана највеличествена во историјата на клубот затоа што освоија се што можеше да се освои: Ла Лига, Купот на Шпанија, Лига на шампиони а после пола година Меси ја освои и првата „Златна топка“.
Но ништо не правиме ако не ги споменеме и великаните: Андрес Иниеста и Чави кои таа сезона сработеа неверојатна работа а индивидуалните трофеи ги собра Меси.
Во најважната недела од сезоната, овој тандем излезе во прв план. На 2. мај Чави намести 4 гола (асистенции) на „Сантијаго Бернабеу“, а на 6. мај Иниеста во последната минута од скандалозното полуфинале на Лига на шампиони со прекрасен удар го сруши Челси.
Самуел Ето тогаш стана втор стрелец во првенството со 30 гола. Тиери Анри постигна 19. И двајцата во тоа време на интересен начин ги славеа головите:
Повеќе голови од Ето даде само еден човек. Диего Форлан кој направи чудо со 32 постигнати погодоци. Огнениот Уругваец од Атлетико Мадрид ја освои „Златната копачка“ таа година.
Таа сезона најголема поддршка на Агуеро му беше 20-годишниот Серхио Агуеро кој постигна 17 голови. Атлетико заврши четврт и беше задоволен со местото кое го однесе во Лига на шампиони.
Клубот уште не беше спремен за Топ3 и до доаѓањето на Диего Симеоне останаа уште пар години.
Трета на табелата заврши Севиља. Клубот како по обичај ги продаде најголемите ѕвезди и остана само Фредерик Кануте кој ја одигра најдобрата сезона во животот со 19 постигнати гола. Репрезентативецот на Мали подоцна отиде во Кина.
Виљареал предводен од Мануел Пелегрини во сезоната 2008/2009 не издржа борби на два фронта и испадна од зоната која води во Лига на шампиони: заврши петти. Година дена претходно тимот во кој беа Годин, Џузепе Роси и Казорла беше втор на крајот од сезоната.
Во финалето на Копа дел Реј играше Атлетик Билбао кој имаше неверојатен состав со Љоренте, Ираола, Хави Мартинез. Изгубија од Барселона во дуелот за трофеј но влегоа во Лига Европа.
Валенсија во сезоната 2008/2009 имаше жесток напад: Давид Виља, Давид Силва и Хуан Мата. Овој последниот наскоро замина па кога играа заедно беа неверојатни.
Од клупата ги водеше одличниот Унаи Емери кој прва сезона беше тренер на Валенсија и заврши 6. место.
Еспањол беше почетна станица во тренерската кариера на Маурицио Почетино кој таа сезона сензационално ја победи Барселона на сред „Камп Ноу“, а потоа го избави клубот од зоната за испаѓање.
Да ја победи Барселона сакаше уште еден човек.
Чудната сезона на Реал Мадрид заврши со оставка на Калдерон и враќање на Флорентино Перез.
Новиот претседател на Реал во летото 2009 ја направи најголемата трансфер кампања во историјата на фудбалот. Потроши 260 милиони евра од кои 94 милиони даде за Кристијано Роналдо.
Шпанското првенство од тој момент стана сосема поинакво.