Приказна за фудбалскиот пат на Енди Ван дер Мејде

Како да стигнеш од врвот до дното во дождливата Ибица

Необичната судбина и пороците ја однесоа низ вода кариерата на еден од најталентираните холандски фудбалери на почетокот на новиот милениум, Енди ван дер Мејде.

Луксузна вила на западниот брег на езерото Комо. Соседи - Џорџ Клуни, Руперт Мердок, Пирс Бронсан, Аркадиј Новиков. Од вилата се слушаше сè, но таков звук за првпат. Запалил светло и видел коњ, не плишан, не цртан - туку жив. Но не бил толку изненаден како другите во тоа место.
 
Неговата жена Диана обожавала животни, ги сакала толку многу што од Амстердам ги преселила во Италија, каде направила зоо парк: Седум коњи, девет кучиња, три мачки, две ласици, два гулаби, два зајци, три кози, три зебри. Кој уште би се изненадил ако види коњ во гаража?
 
Енди ван дер Мејде се изненадил кога го повикале да игра за Монако. Поради нискиот, речиси непостоечки данок во Кнежевството, тој таму би заработувал двојно повеќе од Интер каде земаше 20.000 евра неделно. Истиот тој Монако кој стигна до финалето на ЛШ и ги турна на колена Реал и Челси, а во составот ги имаше Евра, Мајкон, Савиола и Адебајор. Ван дер Мејде му требаше на тренерот Дешамп како замена за Лудовик Жили кој замина во Барселона.
 
Холандското десно крило се согласи, допатувал во Монако да го потпише договорот, а менаџерот му одговорил дека не нашле простор за преселба на коњите и зебрите. Енди ѝ се јавил на жена му: „Диди, тие предлагаат да ја оставиме зебрата во Италија. Условите се одлични“. „Не“! - слушнал Ван дер Мејде пред жена му да му спушти.

Крај на осумдесетите години. Јужна Холандија, Арнем. Тесни улици и мала куќа од црвена цигла на јужниот брег на Рајна. 9-годишно момче ја тапка топката додека се враќа од тренинг, но гледа Брза помош пред куќата и својата постара сестра Анжелик. Стоела на скалите и не го пуштала да влезе внатре. Малиот се налутил, бил гладен и сакал да влезе дома, но кога видел крв размачкана по ѕидот во дневната соба, страшно се исплашил. Тоа утро мајката на Енди ван дер Мејде ги исекла вените.

Нејзиниот маж бил весел и љубезен човек, но многу ја љубел чашката. Се грижел за жената и децата, бил глава на семејството, но алкохолот решил да дојде по своето. За само неколку месеци ја загубил целата заштеда, а потоа почнал да продава работи од дома и го оставил семејството во долгови. Кога куќата веќе била празна, а таа немала од што да ги храни децата, мајката на Енди ван дер Мејде поднела барање за развод. Побегнала од мажот, но не и од проблемите во кои било заплеткано семејството. Ако сестра му не се вратела порано, Енди ќе останел без мајка. Лекарите чудесно ја спасиле, а таа подоцна со години го возела синот од Архнем до Амстердам на тренинзи.

Енди од 5 години го засакал Ајакс. Се шетал со црвено-белиот дрес низ Арнем, иако навивачите на Витезе го закачале во школо. Откако ги фасцинирал скаутите на својот омилен клуб, Енди отишол на проба во Ајакс, а подоцна се преселил со мајка му во Димен, не многу населено предградие на Амстердам.

Ван дер Мејде го истетовирал грбот на Ајакс на коленото, но тоа не било доволно да успее во клубот. Како тинејџер бил многу немирен, два пати скршил нога на противнички играчи, не го слушал тренерот по што шефот на младинската школа Ко Адриансе му забранил да доаѓа на тренинзи. Енди можел да оди во школо, но не и да игра фудбал. Момчето се смирило, отишло на позајмица во Твенте од каде се врати во базата на Ајакс. Златан Ибрахимовиќ признава во својата автобиографија дека холандските играчи во Ајакс биле многу арогантни, но еден човек бил некако поинаков од сите: Енди ван дер Мејде.

Кон крајот на март во 2003. година на Олимпико во Рим се играше меч од втората фаза на Лига на шампиони. Рома го пречека Ајакс во меч во кој Ибрахимовиќ му спушти една топка на Ван дер Варт, овој ја продолжи кон Ван дер Мејде кој со ефектен гол го матираше Иван Пелицоли во аголот. Прославата на голот пукање од автомат. Следното утро САД изврши инвазија на Ирак, а СиЕнЕн го опиша гестот на Холанѓанецот како поддршка на воената операција и поддршка на инвазијата на Ајакс во ЛШ.

Во 1/4 финалето Ајакс го чекаше Милан со 22-годишниот капитен Кристијан Киву, 18-годишниот Снајдер и 21-годишниот Златан Ибрахимовиќ. Во средината на второто полувреме Ван дер Мејде на крило го измеша Хрватот Дарио Шимиќ, влезе во казнениот простор и му асистираше за голот на Литманен. Ајакс од полуфиналето го делеа неколку минути. Тренерот Куман на крајот го извади Ван дер Мејде, и го стави стоперот Бергдолмо, но тоа не беше доволно Пасанен, Киву и Бергдолмо да го спречат Томасон да го однесе Милан понатаму. Росонерите за еден месец ја освоија Лигата на шампионите.

После месец дена, Мејде се врати во Милано. Интер го купи за 12 милиони евра. Неколку години подоцна во интервју за luxesh.nl, фантастичниот Холанѓанец изјави: "Во Милано купив БМВ Х5 и Мерцедес Бенз СЛ. Видов дека играчите на Интер на гостувањата одат со куфери Луј Витон, по што отидов до бутикот. Потоа отидов до Долче и Габана и Армани и се вратив дома со 15 кеси нова гардероба. Долче и Габана веднаш ме прогласи ѕа ВИП клиент и добивав облека која што ја немаше во бутиците. Таму го ѕапоѕнав и Михаел Шумахер".

Една вечер, Мејде шетал со некој пријател по улицата Корсо Комо и решил да влезе во еден ноќен клуб каде никогаш претходно не бил. Менаџерите ги сместиле во ВИП ѕоната со најскапи пијалаци. „Во Милано заработував луди пари. По секоја победа, претседателот Морати даваше по 50.000 евра бонус, но јас некако не бев во своја кожа". Ван дер Мејде полека паѓал во очај и новиот тренер Роберто Манчини за 9 милиони евра го продаде во Евертон кој активно се спремаше за своето деби во ЛШ. Во Ливерпул Мејде заработуваше 30.000 фунти неделно, два пати повеќе од Милано, но тогаш се појавиле и проблемите со депресијата.

Енди и Дијана нашле соодветна зоолошка за животните на осум километри од Ливерпул, во местото Бебингтон, но нивните две ќерки Изабела и Перпл не се прилагодиле на англиската клима, така што поголемиот дел од времето Дијана и ќерките продолжиле да живеат во Италија.

Прво што направил Енди во Ливерпул, купил Ферари. Редовно одел во Њус Барот, каде се опивал и по два часа одел во најблискиот стриптиз клуб. „Да се оди пијан во стриптиз бар во Ливерпул не е најпаметно решение" - подоцна се сеќаваше Енди во интервју за Радио БиБиСи, но многу сакав голи жени. Видов една бринета Лиза и сакав да имам секс со неа. Таа беше толку дива и луда што станав зависник од неа. За средби со неа изнајмив стан во Ливерпул.

Ван дер Мејде во Англија стигна со повреда на препоните, поради што не беше во состојба да игра до октомври 2005. година, а подоцна го повредил и бутниот мускул пред дуелот со Јунајтед во јануари следната година и паузираше шест месеци. За сето тоа време Енди дознал зошто Ливерпул го викаат дождливата Ибица.

Холанѓанецот беше еден од најплатените фудбалери на Евертон. Со слободно време и пари на претек, Енди можел да прави што сака. „Ливерпул е многу опасен ако не знаете да се контролирате. Седум дена во неделата одевме со Лиза на забави. За мене тоа беше начин да побегнам од реалноста", вели ексцентричниот Ван дер Мејде.

Енди еднаш ѝ кажал на жена му дека треба да остане во хотелот каде наводно имал терапија за повредата, но се вратил после една недела во друга гардероба и Диана сфатила дека нешто е чудно. Се обидела да го следи неговиот автомобил, но тој секогаш ѝ побегнувал. Тогаш решила да изнајми приватен детектив кој инсталирал сензор во автомобилот на Енди каде снимил видео со љубовницата.

„Кога бев со Лиза, жена ми ми се јави и ме праша:Како ти е со новата девојка? Сè ли е во ред? Но јас и натаму негирав сè", призна Енди за радио БиБиСи после неколку години.

Пред стартот на втората сезона, Ван дер Мејде и Евертон играле пријателска против Атлетико Мадрид. Во тој момент неговиот дом бил ограбен, а Енди останал без Ферарито, Мини Куперот, часовник Rolex Dayton со сафир кој вредел 50.000 евра и седуммесечното домашно куче Мак.

Следниот ден ѝ бил роденден на љубовницата Лиза, прославен со многу кокаин и Бакарди. Ван дер Мејде испил две пива, но едвај стигнал дома. Кога паднал на кревет, почнал да повраќа крв. Се разбудил во болница каде дознал дека тренерот Дејвид Мојс го казнил со 30.000 фунти поради лошото однесување. Два дена пред секој натпревар, играчите не смееле да одат никаде, а камоли да организираат журка.

Ван дер Мејде имал ужасен однос со Мојс и соиграчите. Во својата автобиографија, Енди напишал дека Фил Невил станал капитен затоа што ги издавал соиграчите кај тренерот. Неколку недели после тровањето на лудата ноќ, Енди отишол да се журка во Манчестер каде испил шише рум. Седнал во кола и тргнал на тренингот на Евертон каде Мојс го фатил Енди за врат: „Ти ќе тренираш или не? - Нема, ајде удри ме!". Мојс го избркал од трениног, а подоцна му пружил рака на извинување.

Лиза му родила на Енди ќерка која што ја крстила Долче, но сето тоа било далеку од некое среќно семејство. Долче се родила со тешка болест на цревата, поради што цело време била во болница. Ван дер Мејде паднал во депресија и не можел да спие без таблети и Бакарди.

„Таблетите беа многу јаки и се продаваа само на рецепт, па морав две години да ги крадам од клупската канцеларија на нашиот доктор кој не забележуваше ништо", признава Ван дер Мејде во биографијата.

Во четвртата рунда од ФА Купот во сезоната 2008/2009 на Гудисон Парк се играло големото дерби против Ливерпул. После долго време, Енди влегол во второто продолжение место Фил Невил и му намести гол на младиот Гослинг за голем триумф на Евертон. Во летото 2009 остана без клуб, но продолжил да живее во Ливерпул и станал сериозен зависник од кокаин.

Се врати во Амстердам кај својата сестра и мајка, кои му биле единствена утеха. Му се јавил на менаџерот и му кажал дека сака да се врати во фудбалот. Тренираше со Ајакс, но потпиша договор со ПСВ Ајндховен, каде навивачите не го сакаа поради тетоважата и љубовта кон Ајакс.

Се врати во Амстердам и Бог знае како ќе завршел ако на една забава во барот Ајакс не ја сретнел пријателката на сопственикот, Мелиса Шауфели, поранешна моделка на Плејбој. Таа ја донела потребната стабилност во животот на Ван дер Мејде, му родила две деца, а Енди редовно учествувал во реалните шоуа.

„Бев дете од улиците на малиот Арнем. Мајка ми шиеше етикети за скапите брендови. Неколку години подоцна можев да купувам скапа облека, да ги импресионирам другите, одев во скапи ресторани. Мојата прва сопруга Дајана беше прилична богата во Холандија, но и таа тргна по мојот пат купувај, купувај, купувај... Се навлеков на дрога и возев брзи автомобили, но ќејфот за нив трае само неколку недели, верувајте. Сега имам помалку пари, но сум сто пати посреќен отколку во Англија", вели Ван дер Мејде.

Денес Енди е почетник во кикбоксот. Неколку месеци тренира со петкратниот светски шампион Фалдир Чанбари, а на 9-ти април ќе ја има првата борба. До тогаш на западниот брег на езерото Комо ќе биде многу топло за туристите, а во Ливерпул ќе врне уште пороен дожд...