Ова е веќе трета сезона како швајцарскиот клуб ја импресионира Европа. Во сезоната 2011/12, Базел во директен дуел за пласман во нокаут фазата го елиминираше Манчестер Јунајтед, а минатата сезона стигнаа до полуфиналето на Лига Европа каде загубија од тогашниот европски шампион Челси.
Овие резултати не се случајност, туку се плод на успешно и храбро водење на клубот. Базел освен успесите во Европа, ја освои и титулата во швајцарското првенство по седми пат во последните десет години, но нивните навивачи на почетокот на 21. век би ви се изнасмеале доколку им кажевте дека за десетина години нивниот клуб ќе бележи толку добри резултати.
Титулата на Базел во 2002-та година беше нивна прва титула по пауза од 22 години. Следа титули и во 2004-та и 2005-та година, но сезоната 2005/06 беше разочарувачка што долгоречно гледано имаше многу позитивни последици на клубот со оглед на тоа што тоа доведе то промени кои им овозможија да стигнат до ова ниво.
Таа сезона на Базел му беше потребен само поен од натпреварот против најголемиот ривал Цирих, но на домашен терен тие во последната минута загубија со 1:2. Бесните навивачи влегоа во теренот, по што следуваше ригорозна казна за клубот. Она што повеќе болеше од самата казна беше негативниот публицитет кој Базел го доби во медиумите, затоа што хулиганизмот не е нешто на што е навикната швајцарската јавност.
Пресвртот во клупското работење се случи тоа лето кога управниот одбор на Базел одржа низа седници на кое е одлучено да се отстапи од традиционалното швајцарско водење на клубот што подразбира финансирање од продавање на играчи, туку финансиите да се обезбедат со добри резултатит во европските натпреварувања.
Управниот одбор воведе нови принципи на работа според кои се води клубот од тогаш, а тие се:
- Главен приоритет ќе биде учество во европските натпреварувања. Освен парите кои клубот ќе ги добие од УЕФА, овие натпреварувања ќе им ја зголемат цената на младите фудбалери.
- Посебно посветување внимание на тренерот. Тренерот на Базел мора да биде проверен стручњак, а челниците на клубот кон него ќе имаат трпение, односно нема да го отпуштат по првата серија на лоши резултати.
- Важните фудбалери под 24 години можат да го напуштат клубот само во случај на понуда поголема од осум милиони евра.
- Важните фудбалери над 24 години морат да го напуштат клубот само во случај на примамлива понуда и тоа откако клубот ќе најде нивна замена.
- Зголемена инвестиција во младинскиот систем и „производство" на таленти во своите фудбалски школи.
- Зголемена инвестиција на скаути, посебно во земјите во Северна Африка.
- Клаузули во договорите на играчите со кои нивните договори можат да бидат поништени на штета на играчот ако не водат спортски живот.
- Анимација на навивачите за доаѓање на стадион и навивање на „вистински" начин.
Во првата сезона веќе ја исполнија последната точка. Маркетинг тимот работеше напорно, безбедноста на стадионот беше зголемена, а во медиумит постојано беше нагласувано дека кога е во можност, натпреварите ги посетува Роџер Федерер. Стадионот „Сент Јакоб Парк" таа сезона беше исполнет скоро до последно место и атмосферата околу клубот се поправи, но повторно изостанаа резултатите, затоа што Цирих ја одбрани титулата.
Веќе од следната сезона почнаа да се спроведуваат и принципите поврзани со играчите. Видливи беа резултатите на младинската школа на Базел која ги има „произведено" Филип Деген, Марко Штрелер, Џердан Шаќири, Фелипе Каиседо, Иван Ракитиќ, Здравко Кузмановиќ, Јан Зомер, Ерен Дердијок, Гокхан Инлер...
Младиот состав беше засилен со искусните Штрелер, Хугел, Фрај... а зголемената инвестиција за скаути во Северна Африка почна да ги дава резултатити со откривањето на фудбалери како Инкум и Салах.
По три титули во низа и добри настапи во Европа, почна да им се крева цената на фудбалерите, па така само од продажбата на Џердан Шаќири и Гранит Џака, Базел заработи 20 милиони евра, а само една година претходно тие вредеа три пати помалку.
За сите овие години челниците на клубот водат чесна и транспарентна политика во трошењето на парите. Навивачите имаат увид во финансиите на клубот, а секое заработено евро повторно се реинвестира во клубот.
Минатата сезона беше историска за Базел откако во Лига Европа ги елиминираа Днипро, Зенит и Тотенхем, но Челси беше пресилен. Тоа беше прв пат во историјата на клубот како Базел стигна до полуфиналето на европско натпреварување.
Освен тоа што со одличните резултати тие ги освоија симпатиите на навивачите, „црвено-плавите" му направија и огромна услуга на швајцарскиот фудбал. Нивните резултати во Европа во претходните сезони до толку го подигнаа коефициентот на Швајцарија што од оваа сезона тие имаат два претставника во квалификациите за Лигата на шампиони!
На „црвено-плавите" им беа потребни само шест сезони да се издигнат над нивото на лигата и да станат сериозен европски клуб и тоа не го постигнаа благодарение на „арапски милиони". Базел е доказ дека до успех може да се стигне и со паметно водење на клубот, донесување на вистински одлуки, доследно почитување и исполнување на зацртаната стратегија, именување на квалитетни тренери и чесно и транспарентно трошење на пари. Базел е пример од кој треба да учат нашите клубови.