Како Атлетико го шокираше Реал во продолжение?

Шпанскиот репрезентативец и некогашно дете на Реал Мадрид, Маркос Љоренте (29) во длабоко судиско продолжение погоди против „кралскиот клуб“ и му донесе злато вреден бод на Атлетико Мадрид кој со Барселона и Жирона останува во трка за титулата.

Ново бурно мадридско дерби одиграа градските ривали Реал и Атлетико. 

Пред ова дерби Реал остана без Антонио Рудигер и Орелиен Чуамени (парни жолти картони), па во средиште на одбраната стопер играше десниот бек Дани Карвахал. Анчелоти сезонава има речиси цела одбрана во аут затоа што поради тешки повреди долго паузираат првите стандардни стопери Едер Милитао и Давид Алаба.

На сето тоа уште на половина час пред дербито со Атлетико се повредил Винисиус кој иако го почна мечот не можеше да издржи па му препушти место на Брахим Дијаз.

Анчелоти се двоумел меѓу него и Хоселу но на крајот направил одличен избор. Во 20’ минута домаќините поведоа 1-0 со гол на одличниот Брахим Дијаз кој го замени повредениот Винисиус:

Маркос Љоренте израмни во 90+3’ минута за огромен бод за Атлетико Мадрид кој сезонава два пати го совлада Реал Мадрид:

Реал Мадрид го контролираше мечот од 23. коло на Ла Лига уште од самиот старт но го пропушти триумфот во последните секунди од судиското продолжение. 

Брахим Дијаз е играч од ротација кој има само осум меча од старт сезонава, но тоа не му смета да биде многу корисен заа екипата. Шпанецот влегува и секогаш ја освежува играта, претходно одлично го одменуваше и Џуд Белингем кога овој беше повреден.

Дијаз има седум гола во сите натпреварувања. Посебно му лежи Атлетико Мадрид на кого му даде гол и во финале на Суперкуп кога го претрче Облак преку цел терен.

АТЛЕТИКО СЕ ДРЖИ ВО ШАМПИОНСКА ТРКА

Голот на Брахим Дијаз не беше победнички зошто во 93’ минута Атлетико израмни. Мемфис Депај со глава само ја цимна топката која стигна до Маркос Љоренте кој исто со глава постигна ефектен гол и Атлетико се спаси на 80 секунди пред крајот.

Реал Мадрид можеше да ја зголеми предноста пред Жирона на четири бода, но сега останува на само два. Каталонците одиграа нерешено 0:0 со силниот Реал Сосиедад. Реал е прв со 58 бода, Жирона е втора со 56, Барселона трета со 50, Атлетико е четврти со 48 бода.

Во следното коло на 10 февруари, Реал Мадрид ја пречекува Жирона на „Сантијаго Бернабеу“. Гостите ќе имаат шанса да го тргнат домаќинот од тронот. 

Атлетико Мадрид има сложен календар: веќе на 7-ми февруари игра во полуфинале на Кралски Куп на Шпанија со Атлетик Билбао (прв меч). Потоа во Ла Лига ги чека Севиља на гости, Лас Палмас дома а на 20-ти февруари им е гостински меч со Интер.

5 февруари 2024 - 09:04