
Во 84 минута од средбата Масимилијано Алегри ја направи третата измена. Излезе Марио Манџукиќ, а влезе извесен Мојс Кин. Се работи за тинејџер роден на 28 февруари 2000 година во Верчели, град на 80 километри од Торино, кој на 16 години ја почувствува магијата на прволигашниот италијански фудбал.
Тинејџерот со потекло од Брегот на Слоновата коска е дел од академијата на Јувентус од 2010 година. До сега беше седум пати на клупа од кои два пати во Лигата на шампиони, а синоќа стана првиот фудбалер роден во 2000 година кој заиграл во Серија А.
Во септември годинава, во Мец дебитираше Винсен Тил кој е три недели постар од Кин и кој има 7 настапи за Луксембург, како и гол против Нигерија.
Ниту еден играч роден во новиот милениум нема заиграно во Премиер лига, Бундеслига и Ла Лига.