Јуве е незадржлив, а Алегри напаѓа рекорди

Фудбалерите на Јувентус на стартот од оваа сезона не знаеа што е победа, а сега се едни од главните кандидати за нова титула во Серија А, петта по ред. Со оваа форма на неговиот тим, Масимилијано Алегри има шанси да урне рекорд на својот тим кој го постигна со помош на Конте.

Ако Јуве по првите 10 кола како актуелен првак изгледаше мизерен и успеа да собере само 12 бедни бода, сега со неделниот убедлив триумф над Удинезе во гости стигна до 10 победи по ред и освои максимални 30 бодови.

Јувентус на домашен терен ги збриша Торино, Милан, Фиорентина и Верона, а на гости Емполи, Палермо, Лацио, Карпи, Сампдорија и Удинезе. На овие десет средби постигна 26, а прими 6 гола. Најмногу им помогна Дибала кој има 11 погодоци, а зад него се Манџукиќ со 6 и Погба со 4.

Со оваа победничка серија Алегри се израмни со три екипи кои имаат 10 победи во низа во Серија А. Прв е практично Јуве (1930/1931), потоа Милан (1950/1951) па Болоња (1963/1964) и Рома со Руди Гарсија (2013/2014).

Неговиот следен предизвик е Рома која со Лучано Спалети пред 10 сезони стигна до 11 победи по ред, а за да ја стигне ќе треба да ја победи токму оваа екипа со која се среќава на 24 јануари.

На третото место по бројот на победи е Антонио Конте кој во шампионската 2013/2014 стигна до 13 победи по ред. Минатата сезона Јуве со Алегри на есен изброи 13, но ги почна неговиот претходник во 32 коло во месец април претходната сезина.

Апсолутниот рекорд и натаму го држи Интер со Роберто Манчини кој во сезоната 2006/2007 славеше 17 кола во низа.

18 јануари 2016 - 18:09