Јунакот од Зимбабве кој со автостоп поминал повеќе од 10.000 километри за да ја гледа својата селекција

Толку многу сакал да ја гледа својата репрезентација на Африканскиот Куп на нации, што морал да помине преку 10 земји, за да стигне до крајната дестинација - Каиро, Египет каде добил карти за финалето поради неговиот јуначки подвиг.

Алвин Жаката имал голема желба да го гледа отворањето на Африканскиот Куп на нации на кое играа домаќинот Египет и неговиот Зимбабве. Но ја утнал утакмицата зошто патот со автостоп му се испоставил многу подолг отколку што мислел.

Благодарение на твитерџиите кои ги следеле неговите авантури, Алвин Жаката сега е хит не само во Африка, туку и пошироко. Претседателот на Африканската фудбалска конфедерација му подарил влезница за петочното финале меѓу Алжир и Сенегал.

АФРИКА НЕ Е ГОСТОПРИМЛИВА ЗА АФРИКАНЦИ

Кога 32-годишниот Алвин минатата недела после цели 44 дена и 10.000 поминати километри стигнал во главниот град на Египет, Каиро, рекол дека целата мака вредела. Најчесто се возел со автостоп или фаќал автобуси. Тврди дека патот до местото на одигрување на Африканскиот Куп му помогнал да научи многу за себе и за цела Африка.

„Мислев дека сум нетрпелив, но трпението ми беше на максимум, бе помирен одошто мислев“, рекол за БиБиСи.

Тврди и дека открил дека Африка не е гостопримлива за Африканци, а за сите останати е добар домаќин.

„Луѓето кои доаѓаат во Африка од Европа и САД се третирани далеку подобро. Некои африкански земји наплаќаат виза поскапо од некои европски земји, а и времето на чекање за виза е многу долго. Мислам дека ни треба Африка без граници“, вели Алвин.

Тој тргнал на 27 мај по маршрута низ Јужна Африка, Зимбабве, Замбија, Танзацнија, Кенија, Етиопија, Судан и на крајот Египет. Патот го почнал со неговиот другар Бота Мсила, навивач од Јужна Африка кој живее близу Кејп Таун и со кого Алвин кревал рака за автостоп или со автобус.

„Сакавме да испишеме историја како првите луѓе кои отишле од Кејп Таун до Каиро по пат за да гледаат спортски настан“.

Алвин Жаката работел како болничар во главниот град на Зимбабве, Хараре. Со Мсила се запознал во финалето на Косафа Купот во јужно-африканскиот Сан Сити пред две години. Му кажал како направил соло-трип година дена претходно од Хараре до Кигали за да ја гледа репрезентацијата на Зимбабве на Африканскиот Куп на Нации во Руанда.

Двајцата договориле план за ова лето и собирале пари за патот од луѓе со добра волја кои поддржуваат ентузијасти за вакви подвизи преку хаштагот #CapeToCairo. Но судбината ги разделила кога Мсила морал да се врати назад од Кенијско-Етиопската граница зошто не му давале виза.

За оние кои патуваат пешки, Етиопија одобрува виза само преку онлајн апликации. Иако двајцата другари имале пари во кеш, немале како да ги префрлат на банкарска сметка за да можат да аплицираат. После кратко време им ја одложиле апликацијата за пет дена.

„За жал системот им беше паднат затоа што во целата земја беше прекинат пристап до интернет за да се избегнат препишувања на државни испити“, вели Жаката за БиБиСи.

Мсила морал да се врати, но државната телевизија во Јужна Африка му излегла во пресрет покрила лет од Најроби во Кенија до Каиро.

НЕ БАШ СИГУРНО И БЕЗБЕДНО ЗА ПАТУВАЊЕ

Алвин само што влегол во Судан, во таа земја безбедносните сили разбивале протести на улиците на главниот гад Картум, на 30 јуни. Во Судан имало нереди откако армијата го срушила од власт претседателот Омар ал Башир во април.

Додека одел до конзулатот на Египет во Картум, Алвин навлегол среде протести.

„Нешто се случуваше но не знаев што. Видов графити на ѕидовите напишани на арапски со бројот 30, но не можев да разберам што е работата. Имаше војници насекаде и луѓето ми кажаа дека не е безбедно“.

Во еден момент луѓето по социјалните мрежи кои го следеле патот на Жаката биле загрижени затоа што тој цела недела не објавил ништо. Интернетот во Судан бил во пад.

„Најдов место каде што можев онлајн да заработувам по 30 долари на час. Ги видов сите тие пораки кои луѓето ми ги пратија на социјалните мрежи и беа загрижени за мене“.

Еднаш постирал видео од страшен дожд во Етиопија каде паѓал град во форма на тениски топчиња.

„Влези во Наироби и сè се менува, сообраќај, чудни улици, многу активност, продавачи со мегафони, свирки од точаци, гужва. Секој што помогна на патот бараше бакшиш, дури и полицајците“.

ПАТЕШЕСТВИЕ ВРЕДНО РОМАН

Во централна Танзанија тој гледал деца на школска возраст како продаваат овошје, мед и риба на автопатите. „Изгледа како едукацијата да не е приоритет во овој дел од светот.“

Покрај маките со виза, јазикот му бил најголем проблем. Во Танзанија најголем дел од луѓето не знаат англиски, а дури има и такви што не знаат Свахили што се учи во нивните школи. Во Етиопија дошол во 18:00 часот по локално време и се обидел да најде некој бар за да го гледа мечот на Зимбабве таа вечер, но се откажал поради скапото такси кое му го наплатиле претходно.

Вели дека убаво го пречекале во некои градови како Хаваса во Етиопија, каде извесен Фиреу Асрат му подарил фудбалски дрес и го почастил пиво. На својот трип го пробал и главното пиво во Египет - Стела, а најубаво јадел во Замбија каде му спремиле месо.

За жал неговата репрезентација испадна во групната фаза, но не му е криво затоа што неговиот подвиг е еден од најголемите на овогодинешниот Африкански Куп на Нации. Алвин Жаката вели дека е среќен што покажал дека Африканците можат да живеат обединети, да патуваат слободно од една во друга земја, но дека треба да се работи многу на бришење на границите.

„Ако имаш страст за нешто, оди по него. Обидувај се и бори се додека не го постигнеш. Можеби ќе ти се одлижи, но тоа не значи дека ќе го изгубиш - биди трпелив и јак, зошто од најтешките борби излегуваат најслатки победи“, вели за крај Алвин Жаката.