Јенс Леман можеби ќе лежи затвор поради упад кај комшија со моторна пила

Некогашниот голман на Шалке, Милан, Борусија Дортмунд, Арсенал и Штутгарт и германски репрезентативец е прогласен за виновен на суд во Германија. Тој со моторна пила влегол кај соседот во двор и му ја оштетил гаражата.

Во јули 2022-ра година по расправија со соседот на кого му замерувал дека со новата гаража му го блокирал погледот кон езерото Штарнберг во домот во Баварија, Јенс Леман земал моторна пила, упаднал кај комшијата и му ја исекол кровната греда над гаражата.

Обвинителството бара 10-месечна затворска казна за 54-годишниот Јенс Леман и парична казна од 420.000 евра.

По пишувањето на Билд, Леман имал вила во непосредна близина на езерото Штарнбергер-Зе. Тој му се жалел на комшијата дека со новата гаража му упаднал на негово земјиште.

Некогашниот контроверзен голман кој имаше многу испади и на фудбалските терени, на почеток негирал каква било вмешаност во случајот но се испоставило дека инцидентот го снимила надзорната камера која стигнала во раце на полицијата.

Јенс прво ги пресекол оградните жици и продолжил да сече со моторната пила. Комшиите набрзо ја контактирале полицијата а причинетата штета е проценета на неколку стотини илјади евра.

Билд пишува и дека Леман на првиот ден на судењето признал дека со моторна пила влегол во гаражата кај соседот но подоцна се вадел дека имал пропусти во помнењето, зборувал за лажни оптужби против него и обид за психички притисок.

Тврдел дека моторната пила случајно му западнала во рака (!?) и дека тој едноставно на ништо не се сеќава. 

БОГАТА КАРИЕРА, НЕСЛАВНО ЗАВРШЕНА

Леман се повлече од фудбалот во 2011-та кога ја заврши богатата кариера. Тој беше дел од славната генерација „Непобедливи“ на Арсенал која во 2003/2004 ја освои титулата во Премиер лига без пораз. Таа е ден-денес последна шампионска титула на „топџиите“.

Ексцентричниот германски голман освои и Бундеслига, Куп на УЕФА, Серија А со Борусија Дортмунд, Шалке 04 и Милан. Се прослави со два одбранети пенали на Светското првенство 2006 против Аргентина во четвртфинале.

Во 2021-ва бил отпуштен од местото советник и супервизор во Херта Берлин откако пратил расистичка порака на Вотсап. По грешка му испратил навредлива порака на Денис Аого: „И Денис е во тимот поради квотата за црнци?“

26 декември 2023 - 11:03