Ако Миланело беше хотел, најбарана соба ќе беше 42. Најубава е, најголема и најмирна според тоа каде е позиционирана. Ако влезете од главниот влез во тренинг центарот на Милан ќе видите два ходници. По левиот се стигнува до барот, салата за прес конференции и на спратот каде се наоѓаат собите вклучувајќи и онаа на тренерот.
Право по ходникот на горниот спрат се стигнува до прозорец од каде се гледа дворецот и главниот терен. Десетина метри пред да го видите тој поглед од лева страна е собата број 42 каде се роди пријателството на Кристијан Абијати, Кристијан Броки и Џенаро Гатузо.
Само таа соба е трособна во Миланело и има три кревети, маса, многу простор и голем број посети. Зборуваме за првите години од 2000-та, годините на силниот Милан со Карло Анчелоти и Паоло Малдини, годините кога во тимот имаше скоро повеќе лидери отколку играчи.
Ако некој имаше проблеми и ако сакаше да му се довери на некој, тропаше на врата број 42 и ја гледаше и слушаше добронамерната насмевка кај Абијати, комичните навреди кај Гатузо и симпатичен поглед кај Броки.
Три карактери многу различни, тројца личности навикнати да се гледаат во лице. 42-та беше повеќе од соба и беше еден друг вид на соблекувална.
„Јас, Кристијан и Гатузо побаравме трособна соба кога сите имаа соба за двајца. Тоа беше гест од пријателски побуди. Кај нас сите доаѓаа на муабет во секое време, а вратата беше секогаш отворена за сите. Јас и Кристијан станавме пријатели од деца, растевме во квартови кои не беа далеку и уште веднаш ми беше драг. Пријателството продолжува. Бев повеќе пати да го гледам Гатузо како тренер, како и Милан Примавера на Кристијан. Јас и Кристијан имаме спротивен карактер, јас сум тивок и повлечен, а тој е отворен. Фудбалот ми помогна и во тоа да си го формирам карактерот. Сега ми е чудно што мојот другар ми е тренер“, вели Абијати.
Абијати, Броки и Гатузо отворија паб во Милано и титулата во Лигата на шампиони во 2003-та ја освоија со иста тетоважа. Абијати и Броки почнале заедно да одат на одмор на шпанскиот остров Форментера со нивните жени Стефанија и Евелин кои исто така се зближиле.
Прегратката на стадионот Мараси по триумфот на Милан над Сампдорија, прв за Броки како тренер во своето деби не се однесува само на трите бодови. Тоа е радост на двајца другари од детството кои станаа соиграчи, а сега почнаа нова заедничка авантура. Фудбалот да, но пред се животот.
„Милан е мојата втора фамилија, тука сум скоро 20 години. Со задоволство би останал уште една година, но ќе видиме што мислат во клубот“, вели Абијати кој е две години помлад од неговиот тренер.
Тој не е повеќе дел од собата број 42. Таму сега спијат Андреа Поли и Лука Антонини, а Абијати е цимер со Абате во друга соба која претходно им припаѓаше на Неста и Пирло. Таму се играше многу добар плејстејшн.