Со 46 години, 4 месеци и 7 дена, Јапонецот Миура пред две години стана најстариот професионален фудбалер на светот кој успеал да постигне гол. Тоа не е се од него. Новиот рекорд на неуморниот играч е гол на 48 години и 38 дена.
Го постигна во јапонската втора лига за тимот на Јокохама во последното коло од сезоната на мечот против Јубило Овата (3:2), каде настапуваше славниот Тото Скилачи.
Легендарниот Зико од Бразил даде гол на 41 година, голманот на Лацио Марко Балота во 2007 година стана највозрасен играч во Лигата на шампионите со 43 години. Последно што знаеме за Тони Мицевски е дека неодамна играше во трета лига, за родното село Поешево, Битолско со 43 години.
Но никој како Миура. Копачките ги облече во Бразил пред 29 години и се уште нема намера да ги закачи на клинец. Играше една сезона во Џенова во 1995 година, но не се прослави во Серија А, каде постигна само еден гол.
За селекцијата на Јапонија настапуваше 10 години, а беше дел и од футсал репрезентацијата на својата земја. До сега на сите натпреварувања има 678 настапи и 208 гола.
Во 1993 година миленикот на јапонската публика стана првиот добитник на наградата за најдобар фудбалер на Азија, награда која од тогаш ја доделува Азиската Фудбалска Конфедерација.