Ја добиваат ли секогаш најдобрите Златната топка?

Тоа е дебата на која и нема крај бидејќи многу великани не беа ниту еднаш прогласени за најдобри во светот. Кога ќе им ги прочитате имињата ќе посмилите дека ФИФА направила многу пропусти бидејќи од нив се прави ол стар тим со силна клупа.

Во овој тим со ѕвезди кои останаа без Златна топка се земени предвид два параметри. Нема фудбалери кои се сè уште активни и нема фудбалери кои според правилата и не можеле да ја освојат, како на пример Марадона и Пеле кои не можеле да конкурираат за Златната топка која во тоа време им се доделуваше само на играчи од Европа.

ГОЛМАН

Дино Ѕоф

Бранеше во еден од најдобрите тимови на Јувентус на сите времиња, а во 1982-ра со италија стана Светски првак. Конкуренција му беше неговиот колега Мишел Платини кој Златната топка ја освои три пати, а Паоло Роси еднаш.

ОДБРАНА

Франко Барези

Конкуренцијата за ова признание беше силна меѓу напаѓачите и играчите од среден ред во 80-те и 90-те, но зарем има некој што мисли дека имаше подобар дефанзивец од Барези во тоа време. Тој беше лидер на Милан и ментор на Паоло Малдини. Во 1989 година заврши на второ место, зад неговиот соиграч Марко ван Бастен. Во кариерата има само еден потег кој не е за фалење. Промаши пенал против Бразил во финале на СП 1994.

Лилиан Турам

Играше централен бек, а со таа техника и позиционирање можеше и во среден ред. Слабости? Немаше такво нешто. Тој освои три Скудета со Јувентус, Европско, Светско првенство и Куп на Конфедерации со Франција како и Куп на УЕФА со Парма. Ова се само неговите најважни трофеи во кариерата.

Паоло Малдини

Уште еден играч како Барези кој целата кариера ја мина во Милан. Тој беше уште една од алките во играта на Саки, Капело и Анчелоти. Освои 7 Скудета и 5 европски титули, но нема трофеј со Италија. Од лев бек, се претвори во централен столб и од индивидуалните признанија е прогласен за најдобар играч според УЕФА, а беше и дел од ФИФА 100, дрим тимот на ФИФА и италијанската фудбалска Куќа на славните. Му недостига само Златната топка, каде во 1994 и 2003-та го освои третото место.

Кафу

Славниот Бразилец беше во топ форма цела декада некаде меѓу 1992-ра и 2002-ра година кога играчите кои не се од Европа можеа да ја освојат Златната топка. Ретко постигнуваше голови, но сите уживаа да го гледаат кога беше во акцијата по неговата десна страна. Во Италија освои две титули со Рома и Милан и еднаш Лига на шампионите, а со Бразил како капитен два пати беше Светски првак, два пати ја освои Копа Америка и еднаш Купот на Конфедерации.

СРЕДИНА

Нилс Лидхолм

Заедно со Гунар Нордал и Гунар Грен го сочинуваа славното шведско трио Гре-Но-Ли кои растураше за Милан во 50-те. Беше плејмејкер и перфектен во додавање. Легендата вели дека кога за прв пат по две години во Милан погрешил додавање, 5 минути му ракоплескале на Сан Сиро. Лидхолм важел и за одличен стрелец од златната ера на Шведска со која загуби финале на Светското 1958-ма и ги освои Олимписките игри во Лондон 1948-ма.

Пеп Гвардиола

Шпанскиот стратег е најтрофеен тренер со Барселона, а во Баерн Минхен најплатен во светот, но тој беше како тренер и на терен. Пеп беше лидер во дрим тимот на Барселона која ја освои Европа во 1992-ра, а ментор му беше Јохан Кројф кој како играч три пати ја освојуваше Златната топка. Во тогашниот силен тим на Каталонците, индивидуалните награди ги собра Христо Стоичков.

Патрик Виера

Капитенот на Арсенал беше лидер на лондонскиот тим скоро цела деценија. Тој беше еден од ретките играчите на Милан кој не веруваше во него како тинејџер, а на крајот од кариерата стана еден од ретките кои има заиграно за Јуве, Милан и Интер. Со техничките способности и висината од 193см, беше клучен играч и за репрезентацијата на Франција со која освои Светско, Европско и Куп на Кофедерации.

Сандро Мацола

Вечна дилема во италијанскиот фудбал од порано остана Мацола или Ривера? Сандро Мацола е син на уште една легенда, Валентино Мацола, капитен на големиот Торино од 40-те. Сандро беше еден од клучните играчи на таканаречениот Гранде Интер од 60-те кој освои сè. Во 1971-ра беше втор во трката за Златната топка, прв Кројф, а трет Џорџ Бест. Го освои ЕП 1968, но успеа и СП 1970 кога Италија загуби во финалето од Бразил со 4:1.

НАПАД

Џиџи Рива

Рива освои Скудето со Каљари и тоа требаше да му донесе Златна топка, но во 1969-та стигна до второ, а во 1970-та до трето место. Го поразија Џани Ривера и Герд Милер. Неговото лево стапало беше до толку силно, што познат новинар во тоа време напиша дека десното го користел само за да се качи во автобус. Рива играше заедно со Мацола на ЕП 1968 и СП 1970 и сè уште е најдобар стрелец за репрезентација со 35 гола.

Ференц Пушкаш

Заедно со Ди Стефано беа предводници на големиот Реал Мадрид од 50-те и 60-те. Во финалето од ЛШ против Ајнтрахт 1966-та успеа да постигне 4 гола. Со репрезентацијата освои злато во 1952-ра, но не успеа да стане Светски првак во 1954-та, кога Унгарија изненадувачки загуби од Западна Германија, која потоа беше обвинувана за допинг. За својата земја на 85 меча постигна 84 гола.

Резервна клупа: Питер Шмајхел, Алесандро Неста, Роберто Карлос, Џачинто Гакети, Франк Рајкард, Јохан Нескенс, Тјери Анри, Раул Гонзалос Бјанко, Џаст Фонтен.

12 јануари 2016 - 16:33