Зинедин Зидан, херој и двоен стрелец во финалето на Мундијалот 98 против Бразил, стана симбол на црно-белата Франција, која сонува да биде братска. Тој има исклучителна аура, која во голема мера беше присутна на почетокот на мечот меѓу Франција и Алжир, кој се одигра на 6 октомври пред 20 години.
Радосната толпа на стадион извикуваше „Зизу претседател“, а сликата на бројот 10 беше проектирана и осветлена на Триумфалната капија.
Алжирските и француските знамиња се исмешаа, исто како што беше насекаде во Франција претходно на 12 јули, датум кој стана нов национален празник пред самиот на 14-ти. И во Алжир јули е месец за национално славје, бидејќи на 5-ти во 1962-ра е денот на нивната независност.
Ден кога и официјално се отцепени од француската република, после доста голем период. Француската инвазија на Алжир била голема воена операција предводена од страна на Кралство Франција на чело со Шарл X врз Отомански Алжир во 1830 година.
Зиден, кој е „Французин“ од втората генерација имигранти, ги надминува страсните струи за минатото и сегашното и се појавува како врска од соништата меѓу двете заедници, повикани заедно да напишат иднина полна со ветувања.
Идејата за фудбалски натпревар меѓу овие две земји се родила во 1998-ма година и тоа првично да се игра во Алжир на денот на нивната независност, под покровителство на претседателот Абделазиз Бутефлика.
Но од безбедносни причини поврзани со тероризам, организацијата паднала на Франција и за прв пат по осамостојувањето на двете држави, се случи фудбалски натпревар меѓу овие две земји кој се одигра на Стад де Франс, на 6 октомври 2001-ва.
Мечот имал за цел да биде повеќе од пријателски, односно братски. Благодарение на Зидан, француски Алжирец и неговите соиграчи, кои важеа за ѕвезди и идоли, конечно можеше да се сврти страницата со тешко историско минато.
Излезот од неуспешната деколонизација, кинењето на независноста, валканата војна, страдањето на измачуваните Алжирци, понижените повратници...
Во описот на атмосферата, француските медиуми пишуваа:
„Додека шетате низ сокаците на огромната бетонска плоча што води кон „Стад де Франс“, веднаш забележуваме дека зелено белата боја на алжирските знамиња и дресови доминираат.
Познатиот „Еден, два, три! Да живее Алжир!, се повторува во хор. Атмосферата е празнична, топла, семејна. Има многу татковци во дресови на Алжир кои ги придружуваат своите синови украсени со синиот дрес на Зидан. Сепак, има едно чувство на непријатност“.
Многу јасниот впечаток дека поддржувачите на Алжир се мнозинство, предизвикувал страв од прекумерна пристрасност.
Тоа се потврдило за време на загревањето на двата тима. Фудбалерите на Франција не биле пречекани со овации, за разлика од оние на Алжир, а за време на презентацијата на играчите, Зидан и другарите биле исвиркани од дел од алжирската јавност.
Шокот бил поголем кога ја исвиркале и химната на Франција, а мечот одел во живо пред 13 милиони гледачи.
И покрај обидите со најдобри намери, владата на тогашниот француски премиер, Лионел Жозпен, не успеа да ја постигне целта. А се обиде преку спортот, кој има обединувачка моќ и тоа со помош на европските и светски шампиони.
Прашањето за безбедност на еден таков натпревар било поставено и поради други причини. Неполн месец претходно беа терористичките напади во Њујорк, а пак октомври се памети и по трагичен настан што сè уште ги прогонува Алжирците во Франција. Се случил 40 години претходно во Париз, на 17 октомври 1961-ва.
Тоа е насилството на полицијата на мирните демонстрации организирани во корист на независноста на Алжир, кога биле убиени 100 Алжирци.
Поради овие факти мечот бил класифициран од висок ризик од страна на ФИФА и било наложено да има дополнителна организација од безбедносен аспект. Наместо вообичаените 150, надвор од стадионот имало 1.200 полицајци, а место 800 редари, на стадион биле ангажирани 1.200.
За време на ЕП 2000 постоеле гласини за напад на ГИА, исламистичка терористичка група која беснеела во Алжир, а две недели пред мечот Ле Паризиен го предупредил премиерот на Франција, со доверлив документ кој ја поттикнал можноста за реални закани за натпреварот.
Претседателот Жак Ширак одлучил да го игнорира, исто како и функционери од десницата. На ТФ1, каналот кој го пренесувал, предвиделе можност за инвазија на теренот пред крајот на натпреварот.
Мечот заврши во 76-та минута, момент кога се случи ерупција на стотици алжирски навивачи. Ја почна 19 годишната Софија Бенлеман, опкружена со големо алжирско знаме, по неа уште двајца, па уште тројца, бројка која се зголеми на стотици алжирски навивачи. Редарите не знаеле по кого попрво да тргнат.
Исплашениот Бартез оди во соблекувална, а по него и другите негови соиграчи освен Турам кој гневен зграпчил 17 годишна девојка.
„Ја зедов за рака и и реков: Сфаќаш ли што правиш? Ме погледна и само ми рече: Извини“, изјавил францускиот дефанзивец два дена по мечот.
Министерот за млади и спорт интервенирал на микрофонот со зборовите: Почитувајте го овој натпревар, почитувајте ја радоста. Но без успех.
Играчите се вратиле во соблекувална, а дел од гостинските фудбалери се сликаа со Зидан. Натпревар на Сините за прв е прекинат на француско тло, а резултатот 4:1 со головите на Кандела, Пети, Анри и Пирес.
Една недела по натпреварот, се случил пад на анкетата на ИПСОС: „56% од Французите сметале дека инцидентите се сериозни, бидејќи сведочат за тешкотиите да се интегрира дел од француското население со муслиманско потекло.
Новинарот на Ле Монд, Филип Бернард, од свој агол укажал на непријатноста во идентитетот на младиот француски Алжирец:
„Франција-Алжир беше натпревар помеѓу земјата на нивните родители и нивната. Невозможна дилема од која навистина никој не може да излезе како победник“.
Sofoot.com пишува дека францускиот фудбал од 2001 година, создал парадоксален вкрстен идентитет, шизофрен лимит меѓу последователните млади генерации од имиграцијата, понекогаш раскинати помеѓу нивната приврзаност кон сините и во изборот на земјите на нивните родители.