Кога ќе се спомене името Дандалк, повеќето фудбалски навивачи ги асоцира на „тој Дундалк од Ирска прва лига“ што го ставиле на ливче во петок навечер пред излегување. Го споиле со Франција 2 и Италија Серија Б.
Ретко кој пред некоја година можеше да го фати на мапата на европскиот фудбал овој тим. Кога ќе го изгуглате ова име, ќе ви отвори слики од типичен ирски град полн со зеленила, град кој има голема корист од економскиот бум во тој реон на Ирска.
Паричната инјекција која што ја добиле од Даблин граѓаните на Дандалк ја искористиле да не бидат веќе само попатна станица на патот кон Белфаст и приградска зона на главниот град. Најдобар пример за тоа е локалниот фудбалски клуб Дандалк ФК.
Во контекст на ирската лига, Дандалк отсекогаш бил сметан за скромен клуб кој освоил само еден ФАИ Куп од 1994 до 2014 година. Таквиот неплоден период го турнале Дандалк зад угледните тимови од Даблин, како и зад провинциските екипи Корк Сити и Слиго Роверс.
Сезоната 2012 била пресвртница во поновата клупска историја откако „Lilywhites“ се спасиле од испаѓање во втората лига. Во најдоброто друштво останале благодарение на триумфот против Ватерфорд Јунајтед во баражот.
Решени веќе никогаш да не се соочат со таква do-or-die ситуација, луѓето од клубот го ангажирале тренерот Стефан Кени и уживале во драстичната промена следната сезона. Кени важи за искусен стратег во ирската лига, а претходно имал успеси со Шамрок Роверс (го елиминираше Партизан од ЛЕ), Дери Сити и Бохемијанс.
Во 2013. година Дандалк под водство на Кени заврши второпласиран и се пласираше во квалификациите за Европа. Следната година се качија на врвот и станаа шампиони во ирската Премиер лига за првпат од 1995. година, а го освоија и Лига Купот.
Дандалк се промовираше во сила на ирскиот фудбал минатата сезона кога втора сезона по ред ја освоија двојната круна. Ирска имаше доминантни тимови во последните години, Бохемијанс ја освои лигата и купот два пати по ред во овој век, а истото го направија и Сент Патрикс Атлетик и Шелбурн.
Дандалк во меѓувреме стана и првиот ирски клуб од 2011/12 што влегол во групна фаза на некое европско натпреварување и првиот тим кој дал гол во ова друштво. Како шампиони играа во квалификации за ЛШ каде го прегазија Бате Борисов со 3:0, а во плејофот за малку не ја елиминираа Легија Варшава.
Во првото коло од групната фаза на Лига Европа ремизираа со АЗ Алкмар на гости, го победија Макаби Тел Авив дома и станаа првиот ирски клуб кој освоил три бода во Европа. Капацитетот на „Ориел Парк“ стадионот на кој игра Дандалк е 4.500 гледачи.
Голот и бодот против Алкмар:
Историскиот гол за три бода против Макаби Тел Авив:
Главни играчи во тимот се капитенот Стивен О’Донел, Дејвид МекМилан, Дарил Хорган и Сиаран Килдаф кој беше херој со постигнатите голови. Дандалк сезонава за малку не влезе дури и во Лигата на шампионите откако „ја препоти“ Легија Варшава во плејофот.
Тренерот Стефан Кени вели дека негова главна цел е да ги задржи младите таленти во клубот и вооошто во земјата и да ги научи дека во Англија не ги чека сигурна иднина ако заминат во Премиер лигата или во Чемпионшип.
Што се однесува до навивачите на Дандалк, тие не се многубројни но се верни и секаде патуваат со клубот. Идентично на своите колеги од Селтик одвреме-навреме мафтаат палестински знамиња поради што УЕФА ги казни со 18.000 евра пред две години по мечот со Хајдук Сплит.
Дандалк ги отвори вратите на ирскиот фудбал во Европа. На континентот конечно може да се запознаеме со претставник од нивната лига, а откако синоќа до 71’ минута водеа 1:0 и го намачија Зенит ќе ги сфаќаме многу посериозно.
Голот на Роби Бенсон синоќа против Русите: