Интересната кариера на новиот голман на Челси

Кај Хаверц и Тимо Вернер се топ, светска класа играчи. Но навивачите на Челси цело лето чекаа еден друг трансфер - клубот да им подари нов голман кој би можел да го замени Кепа Аризабалага на голот. Абрамович им ја исполни и таа желба.

Шпанскиот голман Кепа е најскапо платениот голман во историјата на фудбалот. Челси плати брдо пари да го донесе од Атлетик Билбао пред пар сезони, но Аризабалага не ја потврди фамата од Баскија.

И новата сезона Кепа ја започна со киксови во воведните 2 кола, па навивачите ги изгубија и последните нерви со него.

Замената за него Челси (читај Петр Чех) најверојатно ја најде во француски Рен. Во Лондон доаѓа 28-годишниот Сенегалец Едуар Менди за кого сините плаќаат 24 милиони евра (со бонуси сумата може да порасне до 27 милиони евра).

ЗОШТО ЧЕЛСИ НЕ ЗЕМА СВЕТСКИ ПОЗНАТ ГОЛМАН?

Летово не престанаа гласини. Гигантот од Лондон беше поврзуван со практично сите светски признати голмани: Облак, Донарума, Ник Поуп, Андре Онана, Дин Хендерсон. Предмет на интерес бил и Џо Харт но некогашниот број 1 голман на Англија се реши за Тотенхем (дебитираше за Спарс синоќа во Скопје против Шкендија).

Во Челси веќе не размислувале да фрлат еден куп пари за голман како за Кепа (платен 70-80 милиони евра), па барале попристојна варијанта. Менди им легнал идеално.

Притоа трансферот на симпатичниот Едуар Менди не беше паничен. Челси долго го следел неговиот развој. Уште 2 години пред да го купат Кепа, Едуар Менди бил во радарот на скаутит на Челси.

Во тоа време Менди бранел за Реим во Франција и се сметал за одлична резервна варијанта.

Со пар сезони со Рен во прва лига (Рен заврши трет лани во Лига 1), Менди станал еден од најдобрите голмани во Франција. Голема улога во трансферот одиграл Петр Чех (некогаш и самиот голман на Рен во Франција од каде дојде во Челси), како и скаутот за голмани Криштоф Лолишон.

КОИ СЕ КВАЛИТЕТИТЕ НА МЕНДИ?

На Чех и на скаутот Лолишон им се допаднало тоа што Сенегалецот е практично анти-Кепа голман.

Прво, висок е 197 см што е дури 11 сантиметри повисок од Кепа и Кабаљеро. Чех смета дека тоа ќе го реши проблемот на тимот. Менди може да излегува и да фаќа повеќе центаршути благодарение на растот.

Плус сенегалскиот голман не е линијаш и затоа му е по ќејф на легендарниот Чех.

Второ Менди игра добро со нозе. Знае да даде точен долг пас во последната линија на нападот а таму е Вернер кој секогаш е спремен да истрча јак фор. Менди минатата сезона фатил 78% удари кон неговиот гол (Кепа 54,5%) и по тој параметар бил трет најдобар голман во Франција.

Едуар примил само 19 гола на 24 меча лани, на 9 натпревари ја сочувал мрежата. Ако и се верува на Opta и статистиката xG, голманот на Рен примил 3 гола помалку од претпоставените. Шпанецот има 11 гола повеќе примено до предвиденото.

МЕНДИ ПРЕД НЕКОЛКУ ГОДИНИ НЕМАЛ КЛУБ, СЕДЕЛ БЕЗ РАБОТА И ТРЕНИРАЛ БЕСПЛАТНО НО ТОА МУ СЕ ИСПЛАТЕЛО

Едуар Менди е роден во Франција во семејство на мигранти од Сенегал (мајка му) и Гвинеја Бисао (татко му). Фудбал почнал да тренира во школата на Ле Авр (таму како мали почнале и Погба, Бенжамин и Флоран Менди, Стив Манданда), но во еден момент сметале дека е послаб голман од Захари Буше.

Менди долго време бранел во пониските лиги за клубот Шербур. И таму се борел за место во прв тим, играл за вториот тим, бил резерва. Станал прв голман дури кога екипата испаднала во четврта лига, а после една сезона дури и во петта.

Менаџерот на Менди му ветил дека ќе му најде клуб од Англија (трета лига) па овој ги одбил сите понуди од француски клубови, но залудно. Не нашол клуб и на 22 години Сенегалецот останал без клуб.

„За фудбалер, како и за секој друг човек, да се остане без работа е како некој да ви удрил шамар. Кога малерите се повторуваат, почнуваш да мислиш дека едноставно не ти е судено“, рекол Менди во едно интервју лани.

Но не се предавал. Бесплатно тренирал во Ле Авр а после благодарение на пријатели од стариот клуб Шербур, отишол на проба во славниот Марсеј. Таму добил аматерски договор со најниска плата и една сезона тренирал со Стив Манданда, францускиот репрезентативен голман.

„Тоа беше доказ дека ништо во животот не е залудно, дека јас се правев правилно и дадов максимум напор“.

Бил четврт голман во Марсеј па го викнале во Реим во Лига 2. И таму почнува правата приказна на Менди. Го истиснал од голот легендарниот Јоан Карасо и бранел фантастична сезона (половина од натпреварите не примил гол). Благодарение на него Реим се вратил во Лига 1 (14 од 28 меча без примен гол).

Од Реим се сели во Рен и по една сезона доаѓа во Челси на голема врата.

ВО ЧЕСТ НА ТАТКО МУ БРАНЕЛ ЗА ГВИНЕЈА БИСАО ПА СЕ РЕШИЛ ЗА МАЈЧИНАТА ЗЕМЈА КОЈА ИМА ПОДОБРА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Едуар Менди во 2016 добил покана за пријателски меч на Гвинеја Бисао против португалски клуб. Прифатил поради татко му кој бил болен.

Но по извесно време решил да го чува голот на топ африканската селекција Сенегал. ФИФА му дозволила зошто за Гвинеја Бисао бранел само на пријателски натпревари. Во ноември 2018 дебитирал за Сенегал и веќе бранел на 7 меча: 6 победи, 1 пораз, 5 меча без примен гол и само 2 примени гола.

ШТО ЌЕ БИДЕ СЕГА СО КЕПА АРИЗАБАЛАГА?

На крајот од краиштата Менди нема загарантирано место кај Лампард, како што немаат ниту Кепа и Кабаљеро. Ништо чудно Кепа наскоро да се врати во стара форма и да го задржи местото.

Во август во едно интервју Петр Чех изјавил дека веруваат во Кепа и покрај тоа што бараат нов голман.

Шпанецот сака да влезе во форма и поради Европското 2021 каде сака да биде прв голман на Ла Риоха. Во меѓувреме на „Стемфорд Бриџ“ веќе стигнала понуда од Рома која сака да го позајми Кепа.