Гигантот Ред Бул го купува и фудбалскиот клуб Париз (не ПСЖ), петти клуб во империјата после Ред Бул Лајпциг во Германија, Ред Бул Салцбург во Австрија, Њујорк Ред Булс во САД и Ред Бул Брагантино во Бразил.
Интересно, ФК Париз е основан во 1969-та година но само една година подоцна се споил со локалниот клуб Стад Сен-Жермен за да го формираат ПСЖ онаков каков што го знаеме денес. После само две години оттогаш Париз ФК се одвоил од ПСЖ и продолжил да функционира како независен клуб.
ЗАЕДНИЧКА ЗДЕЛКА СО СЕМЕЈСТВОТО МИЛИЈАРДЕРИ АРНО, САКААТ ДА ГО ВНЕСАТ ПАРИЗ ВО ЛИГА НА ШАМПИОНИ
Фудбалскиот клуб Париз во моментов е второлигаш. После 11 кола има 8 победи, 1 нерешена и 2 порази. Со 25 бода е прв на табела и така би требало да остане до крајот на сезоната кога Парижаните би прославиле пласман во елитната Лига 1. Но до тогаш има уште многу вода да помине низ Сена.
Едно е сигурно: ФК Париз заеднички ќе го водат богатото семејство Арно кое управува со компанијата LVMH (Louis Vuitton – Moët Hennessy), француска транснационална компанија која е позната по производство на раскошни и луксузни предмети. Во неа влегуваат дури 75 брендови меѓу кои и Кристијан Диор и Луи Витон.
Ред Бул и семејството Арно веќе работеле заедно во Формула 1.
Се очекува гигантот Ред Бул да купи околу 15% од акциите на ФК Париз, а семејството Арно да стане нов главен акционер и сопственик со околу 55-56% од акциите. Можно е сево ова да е поврзано со желбата да се избегне конфликт на интереси ако еден ден Париз се најде во ист еврокуп со другите клубови од империјата Ред Бул.
Планот е и актуелниот, сегашен претседател на клубот Пјер Ферачи да сочува 30% од акциите во клубот до 2027.
Потенцијалните сопственици се надеваат на брз и голем развој. Најскор план им е да влезат во Лига 1 на крајот од сезонава но долгорочно планираат да станат редовен учесник на Лига на шампиони.
За оваа цел сопствениците можно е да одвојат 100 до 200 милиони евра, пишува француски Л’Екип.
Оваа вест со сигурност ќе му се допадне и на Јирген Клоп, новиот шеф за фудбал на гигантот Ред Бул. Доскорешниот трофеен тренер на Ливерпул од 1-ви јануари започнува со работа во Ред Бул како директор по фудбал за сите нивни клубови кои ќе ги координира.
Интересна била реакцијата на Насер Ал-Хелаифи првиот човек на ПСЖ: „Ова е одлична новост за Париз, фантастична за францускиот фудбал. Ќе донесе натпреварувачки дух и нова здрава конкуренција на највисоко ниво во фудбалот во главниот град“.
Инаку Ал-Хелаифи е близок пријател со семејството Арно и често го кани Антоан Арно во ВИП ложата на „Парк на принцовите“ кога игра ПСЖ.
ПАРИЗ ИМА МАЛ БРОЈ НАВИВАЧИ
Стратегијата за освежување на клубот ФК Париз почнал уште од сезоната 2022/2023. Клубот почнал во меѓувреме да дели и бесплатни карти за некои натпревари на машкиот и женски состав. Но на стадионот „Стат Себастијен Шарлети“ има и староседелци кои одамна го бодрат овој нисколигаш.
Инаку на 2. март годинава ФК Париз поставил рекорд по посетеност кога на мечот со Сент Етјен во втора лига дошле 17.358 гледачи. Стадионот собира 20.000 гледачи и се повеќе се полни како се дознава веста за нови сосптвеници и нови вложувања.
Агенцијата Абсолут Спорт соопштила дека посетеноста на натпреварите на ФК Париз (додуше против најголемите ривали во лигата) пораснала за три пати. Притоа стадионот на Париз е секогаш достапен - картите чинат по шест евра што е по десетина пати поевтино од оние за ПСЖ.
„Меѓу нас често го разгледуваме ефектот на бесплатен билет. Вие гледате како луѓето доаѓаат доцна, замимнуваат порано пред време или воопшто не доаѓаат. Многумина мислат дека ова не е нивен клуб, сметаат дека не треба да платат карта понекогаш“, рекол еден од навивачите на Париз за Њујорк Тајмс.
Професорот на париската школа по економија, Лук Арондел рекол: „Присуството на навивачи на стадионот ја зголемуваат вредноста за телевизискиот производ и следствено општата вредност на тв правата“.
Се очекува да се види како ќе се развива ПСЖ со нови газди и со новиот координатор на Ред Бул, Јирген Клоп.