Икс факторот на Црвените од Енфилд

Ливерпул објави дека го испазарил Роберто Фирмино (23) од Хофенхајм за 31 милион евра. Плејмејкерот исцртан со бројни тетоважи минатата сезона даде 8 голови на 35 настапи за Бундеслигашот.

Како многу бразилски фудбалери, така и Фирмино имал тежок почеток. Израснат во Мачеио, еден од најопасните градови на северо-истокот од Бразил (таму се родени Пепе и Марио Загало), каде татко му собирал шишиња за рециклажа со цел да преживеат, единствен излез на Фирмино бил фудбалот. 

Невообичаено, тој никогаш не играл во првата бразилска лига. Хофенхајм го фати на радар како 19-годишен играч на второлигашот Фигуеиренсе кој го позајмуваше во Томбенсе. Скаутите на Бундеслигашот успеаа да го претркаат Баерн Минхен и да го потпишат Фирмино за 3,5 милиони фунти.

И покрај повредата на лигаментите од едниот зглоб, Фирмино ретко кога пропушти натпревар на Хофенхајм. Во сезоната 2013/2014 постигна 16 голови и заработи повик да игра за Бразил на Копа Америка каде веќе е главен играч по суспензијата на Нејмар. Најновото засилување на Ливерпул го симболизира опоравокот на Бразил по ужасниот Мундијал во оваа земја, а за него селекторот Дунга изјави дека „мириса на голови".

Статистиката покажува дека Фирмино постигнал или наместил вкупно 45 голови на последните 66 натпревари за Хофенхајм. Што се однесува до карактерот, Бразилецот во Германија бил еднаш казнет поради доцнење на тренинг, нешто што Брендон Роџерс нема да прифати.

Неговите родители живееле со него во Германија и веројатно ќе му се придружат во Ливерпул. Фирмино на Енфилд ќе заработува околу 140.000 евра неделно. Офанизвецот стана и второто најскапо засилување во историјата на Црвените. Само Енди Керол во 2011. година е платен повеќе кога дојде од Њукасл за 50 милиони евра. Зад Фирмино е Адам Лалана за кој Ливерпул даде неверојатни 35 милиони евра.

Покрај Фирмино, Ливерпул веќе го засилија Џејмс Милнер од Сити, Џо Гомез од Чарлтон, Дани Ингс од Барнли како и Адам Богдан од Болтон.

„Моето семејство веќе нема да треба да работи“, изјави Фирмино, кој е научен да патува многу затоа што во Бразил два пати го позајмувале во клуб оддалечен 2.000 километри од неговиот дом. Како тинејџер се пресели во Германија и адаптацијата во Англија не би требало да му биде проблем.

Станува збор за инвентивен играч кој може да игра на средината од теренот како и било каде во нападот. Се снаоѓа и како централен шпиц, како десно и лево крило или класична 10-ка. Со 38 голови на 133 натпревари за Хофенхајм има подобар учинок од Џерард во Ливерпул. За репрезентацијата има уште подобар учинок откако на 9 меча постигна 4 голови. По неговото деби во февруари 2011. година, Роберто Фирмино учествувал во акциите на 62 гола што е повеќе од било кој друг Бразилец во Топ 5 европските лиги.

Што се однесува до тетоважите, највидливи му се мотото „семејството, бескрајна љубов“ на грчки јазик како и името на неговата ќеркичка Валентина Фирмино. На десната рака и зглобот има неколку тетоважи исто посветени на семејството. Сигурно ќе има муабет со Марио Балотели, ако вториов остане на Енфилд...

24 јуни 2015 - 13:19