Во недостаток на звучни имиња помеѓу дефанзивците кои кои ги променија клубовите во овој период, Bleacher Report го составија идеалниот тим со формација 3-4-3.
Голман:
Симон Мињоле - 25-годишниот чувар на голот на репрезентацијата на Белгија е одлична инвестиција за иднината на Ливерпул. Тој ова лето за сума од 10,6 милиони евра пристигна од Сандерленд.
Одбрана:
Анџело Огбона - Италијанецот со потекло од Нигерија го засили Јувентус од градскиот ривал Торино за 13 милиони евра.
Тоби Алдервеирелд - Уште еден млад репрезентативец на Белгија со голем потенцијал. Поранешниот фудбалер на Ајакс го замени Демикелис во Атлетико Мадрид за сума од 7 милиони евра.
Сократис Папастатопулос - За сума од 9,5 милиони евра, грчкиот репрезентативец чие презиме не може да го собере на дресот па екипите го пишуваат Сократис, премина од Вердер во Борусија Дортмунд.
Среден ред:
Герет Бејл - Најскапиот играч во историјата на фудбалот докажа дека е еден од најдобрите на својата позиција, а во дресот на Реал Мадрид ќе треба да докажува дали вредеше инвестицијата од 100 милиони евра.
Месут Озил - Покрај Бејл, играчот кој го одбележа овој трансфер период секако е и Месут Озил кој за 50 милиони евра премина од Реал во Арсенал и го сруши клупскиот рекорд на топџиите.
Етјен Капуе - Франзуцинот направи трансфер за 11 милиони евра од Тулуз и веднаш се покажа како добра инвестиција и одлично засилување на дефанзивниот дел од средниот ред на Тотенхем.
Хесус Навас - Легендата на Севиља по 10 години ги надмина психичките проблеми и се реши да го напушти клубот. Тој премина во Манчестер Сити уште во јуни за 20 милиони евра и го одбележа стартот на трансфер периодот.
Напад:
Нејмар - Новата бразилска ѕвезда направи трансфер вреден 57 милиони евра од Сантос во Барселона каде допрва треба да докажува дека тој не е само ѕвезда на Јутјуб
Радамел Фалкао - Колумбискиот тигар импресионираше во дресот на Атлетико Мадрид, а рускиот тајкун Риболовљев за него искешира 60 милиони евра за да го врати неговиот Монако на старите патеки.
Единсон Кавани - ПСЖ го сруши клупскиот рекорд со трансферот за 64 милиони евра со што го комплетираше убиственото дуо Ибра-Кавани