За жал пред денешниот меч, топ тема беа расистичките повици од трибините за време на последниот тренинг на холандската репрезентација, кој се одржа на стадионот во Краков, но сепак селекторот Берт ван Марвијк набргу по почетокот на средбата со новинарите успеа да ја сврти темата во вистински правец и да се говори само за фудбалот и натпреварот со Данска.
"Имаме идентичен стил на игра, ние сме фаворити, но само на хартија. Тоа треба да се докаже на теренот, а мене ми е јасно дека тоа нема да биде ни малку лесно. Треба да играме најдобро што можеме ако сакаме да стигнеме до посакуваните три бода" , изјави Ван Марвијк.
Холандскиот селектор за дуелот против Данска нема да може да смета на повредениот Јорис Матијсен и се уште не ја донел одлуката за тоа кој ќе го замени, но се очекува тоа да биде, Рон Флар. На спротивната страна селекторот, Мортен Олсен нема никакви проблеми со составувањето на екипата и во мечот влегува со сите фудбалери кои ги има располагање.
Досега овие две селекции одиграле пет натпревари, Холандија забележала три победи, еден дуел завршил нерешено, а Данците само еднаш се радувале на триумф.
Последниот меч е одигран на Мундијалот во Јужна Африка и Холандија забележа победа од 2:0. Единствениот триумф, Данска го забележала во далечната 1967 година и славела со 3:2.
На Европските првенства ова ќе биде трет меѓусебен дуел. Првиот во полуфиналето на Евро 92, кога по 90 минути резултатот беше 2:2, а Данска се пласираше во финалето по подобро изведување на пеналите, а потоа и триумфираше на шампионатот, а вториот е во 2000-та, но тогаш славеше Холандија со 2:0.