Грузија на чекор од Европско, Украина направи чудесен пресврт во Зеница

Мошне убедливи резултати донесоа синоќешните полуфинални дуели од баражот за пласман на Евро 2024. Грција го растури Казахстан со 5-0 и се избори за финален дуел за пласман на големиот собир во Германија, а Украина направи неверојатен пресврт на гости кај Босна и Херцеговина.

Грузија без својот лидер Хвича Кварацкхелија го победи Луксембург со 2-0 иако многу лесно можеше да биде поинаков резултатот.

Домаќините после тотална опсада на голот на Луксембург поведоа во 40’ минута преку Буду Зивзивадзе, анонимен центарфор од германскиот второлигаш Карлсруе.

Во 52’ минута по еден напад на Грузијците, гостинскиот фудбалер Максим Шано реагираше неспретно и при лизгање го собори домашниот играч Микаутадзе. Судијата не покажа пенал и во продолжение од акцијата Луксембург постигна гол за 1-1.

Но по сугестија на ВАР собата, главниот арбитар гледаше повторена снимка од спорниот момент, реши да ја преиначи одлуката, досуди прекршок вон шеснаесетникот за Грузија и му даде директен црвен картон на Шано.

Тоа им ја олесни работата на домашните кои со играч повеќе до крајот само го зголемија водството. Истиот стрелец на првиот гол Зивзивадзе го постигна и вториот погодок за победа од 2-0 и беше играч на мечот.

Грузијците сега ги чека финале на истиот терен дома во Тбилиси против Грција.

КОШМАРНА НОЌ ЗА БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА

Фудбалерите на БиХ уште еднаш приредија голем очај за своите навивачи. Во Зеница каде што со години ги играат своите натпревари синоќа ја пречекаа Украина во полуфинале на баражот за Европско првенство.

БиХ поведе во 57’ минута по автоголот на Микола Матвиенко за голема радост на „Билино поље“ во Зеница:

Во самиот финиш буквално во последните пет минути Украина направи чудесен пресврт и со головите прво на Роман Јаремчук во 85’ минута па со погодок на Артјом Довбик во 88-ма минута славеше 1-2 и се пласираше во големото финале каде ги чека Исланд.

Украина ќе биде номинален домаќин а мечот ќе се игра во полскиот град Вроцлав.

ГРЦИЈА ГО ДЕКЛАСИРАШЕ КАЗАХСТАН И ВЛЕЗЕ ВО ГОЛЕМО ФИНАЛЕ

Грците играат како препородени со селекторот Густаво Појет. После одличните квалификации и настапи во Лига Нации се изборија за место во баражот за пласман на Евро 2024.

Во полуфинале им дојде во Атина Казахстан кој исто така одигра сјајни квалификации но заврши втор зад Словенија во групата. Грција убедливо ги победи Казахстанците со 5-0 и во голема еуфорија оди во Тбилиси каде ќе игра против Грузија која сонува историски прв пласман на Европско првенство. Тоа ќе биде мошне неизвесен меч во кој нема изразит фаворит.

Полска и Велс лесно се справија со Естонија и со Финска. Полјаците со 5-1 ги победија Естонците и сега ги чека финале на бараж против Велшаните на гости во Кардиф. Велс броеше до 4 и со 4-1 се справи со Финците со голови на фудбалери кои настапуваат во англиските Премиер лига и Чемпионшип.

Интересен беше и мечот меѓу Израел и Исланд игран во Будимпешта.

Таму се случуваше права драма. Израелците први поведоа во 31’ минута од пенал преку нивниот лидер и капитен Еран Захави. Исланѓаните набрзо направија целосен пресврт и со голови во 39-та минута на Алберт Гудмундсон и Траустасон во 42-ра минута поведоа 1-2.

Во вториот дел Израел прво остана со играч помалку во 73’ минута, но доби пенал во самиот финиш од мечот. Овојпат капитенот Захави не беше прецизен, го промаши најважниот пенал во својата кариера. Исланѓаните разгоропадени дадоа два гола до крајот преку Гудмундсон во 83’ и 87’ минута и поведоа со 1-4.

РЕШАВАЧКИТЕ ДУЕЛИ НАБРЗО

На 26-ти март во вторник вечер ќе се одиграат одлучувачките натпревари за тоа кои три селекции ќе се пласираат на Евро2024.

ГРУЗИЈА - ГРЦИЈА

УКРАИНА - ИСЛАНД

ВЕЛС - ПОЛСКА

22 март 2024 - 09:18