Грдни пари ќе земат сите репрезентации на Мундијал 2026

Советот на ФИФА, на состанок во Доха донел одлука за финансиски награди за репрезентациите учесници на претстојното Светско првенство и ќе има рекордни премии во износ од астрономски 727 милиони долари!

ФИФА ќе наградува на следното Светско првенство 2026 за дури 50% повеќе отколку што наградуваше на претходното Светско првенство 2022 во Катар. Финансиите ќе бидат поделени меѓу 48 учесници на Мундијал со рекорден број селекции-учеснички.

Репрезентациите од 33-то до 48-мо место (испаднати уште во групи) на крајот ќе добијат премии по 9 милиони долари, нешто што не се памети во историјата на светските првенства.

Селекциите кои во САД, Мексико и Канада ќе завршат на крајот од 17-то до 32-ро место (елиминирани во 1/16 финале) ќе добијат огромни 11 милиони долари. Репрезентации пласирани од 9-то до 16-то место (елиминирани во осминафинале) ќе ја збогатат касата за по 15 милиони долари.

Убави, огромни суми од по 19 милиони евра по селекција ќе добијат репрезентации од 5-то до 8-мо место, односно оние кои ќе испаднат во четвртфинале.

Со 27 милиони евра ќе се офајди репрезентцијата која ќе заврши на 4-то место на Светско првенство 2026.

Селекцијата која ќе освои бронзен медал и трето место дома ќе си оди со 29 милиони долари!

Светскиот вицешампион ќе се утеши со огромна сума од 33 милиони долари за пораз во финалето, а оној кој ќе ја освои светската шампионска титула ќе добие историски, рекордна сума од 50 милиони долари!

ФИФА одлучи и секоја репрезентација пред стартот на Мундијал 2026 да добие сума од 1,5 милиони долари за трошоците за подготовки за настап на Светско првенство. Ова значи дека секоја репрезентација без разлика на пласманот на крајот, ќе добие 10,5 милиони долари!

18 декември 2025 - 13:27