Градско дерби во финалето на ЛШ

Реал Мадрид заслужено славеше со 1:0 во реваншот од полуфиналето против бледиот Манчестер Сити (90 минути без директен удар кон Кејлор Навас) и ќе се бори за трофејот против градскиот ривал Атлетико.

РЕАЛ МАДРИД - МАНЧЕСТЕР СИТИ 1:0 (1:0)
/Герет Бејл 20’/

Кралскиот клуб се пласираше во 14. финале на Лигата на шампионите во својата историја. Во борба за трофејот, Реал ќе игра против Атлетико Мадрид на 28. мај на Сан Сиро во Милано. Тимот предводен од Зинедин Зидан ќе се бори за 11-от пехар во елитното натпреварување.

Вечерашниот меч го одбележи и лошата игра на гостите во нападот, а доказ за тоа е учинокот на Серхио Агуеро кој петти меч во ЛШ немаше ниту еден шут кон противничкиот гол. Од друга страна, Кејлор Навас кој на крајот заработи повреда го израмни рекордот на Сантијаго Кањизарес од сезоната 2000/2001 со 9 меча во ЛШ без примен гол.

Доминацијата на шпанскиот фудбал продолжи и екипите од Пиринејскиот полустров сезонава имаат 14 победи на 14 меча против тимови од другите европски земји. Во последните три сезони Шпанците имаат 45 победи на 48 меча против остатокот од континентот.