Горан Пандев: „Сега играм со најдобриот голман на светот, а омилен играч ми беше Дејо“

Преку онлајн кампањата “Meet&Greet” со навивачите на Парма, од најмлади до највозрасни, од спортскиот центар Колекио зборуваше најдобриот македонски фудбалер.

Насмеан и ведар како и секогаш со навивачите, македонскиот фудбалер за првпат разговараше директно со тифозите на Парма. Едно од првите деца кои му се обратиле на Пандев бил малиот Стефано:

„Како навивач пресреќен сум што можам да видам уште еден шампион како тебе овде во Парма, иако не секогаш можам да бидам на Тардини за да те гледам од блиску“.

Горан го прашале кој е најдобар голман против кој играл некогаш во кариерата:

„Дечки, најјакиот голман на светот сега игра со мене и се вика Џиџи Буфон. На ваши години мој омилен играч и идол ми беше Дејан Савичевиќ. Тој беше голем шампион, ми се допаѓаше неговиот стил на игра. Левак беше, играше за мојот омилен тим во срцето: Црвена Звезда Белград“.

Подобар ли си од него?, го потпрашале децата а тој низ насмевка одговара: „Не, не, се задоволувам со мојата кариера“.

Меѓу бројните прашања кои децата му ги поставуваат има и едно поврзано со претстојниот бараж полуфинален дуел за пласман во финале на плејоф за Светско првенство.

„Кој ќе победи на мечот Италија - Македонија“?

„Се надевам Македонија, но ќе биде тежок натпревар и може се да се случи. Јас навивам за Македонија“, им вели Гоче на најмладите.

Некое дете го прашало што чувствувал кога ја освоил неверојатната Триплета (Лига на шампиони, скудето и Куп на Италија) и како им помага на децата во неговата земја:

„Имам фудбалска школа за најмалите. Македонија е мала и сиромашна земја, се надевам дека можам да им помогнам преку фудбалот и еден ден би сакал некој да може да заигра надвор од земјата“.

Како ти е во Парма:

„Се адаптирав прекрасно. Сретнав големо семејство, се чувствувам како дома. Парма е преубаво место, како екипата така и тренерот и целиот амбиент ме прифатија добро и среќен сум што сум тука. Во Парма има многу млади добри играчи. Не би сакал да одвојувам никој посебно, но Бендижјак е одлчен и Бони кој е 2003 година и на тренинг додека го гледаш импресионира“.

Едно од најважните прашања му стигнало на крај. „Ние навивачите сакаме уште да те гледаме тука и понатаму. Што ќе правиш следната година?“

„Јас се вратив на терен после повреда и ќе сторам сè најдобро што можам да им дадам на сите наши навивачи“.

15 март 2022 - 09:28