Берт Траутман е човек кој ги урнал најголемите предрасуди во едно тешко време во Втората светска војна. Човек кој веројатно си го спасува животот со помош на фудбалот и неговиот голем талент за бранење. Приказната за него е исклучително ретка, а можеби и единствена и сосема заслужено добива филм.
Траутман е роден во Бремен во 1923 година и уште како тинејџер почнал да се бори во Втората светска војна. Бил на повеќе фронтови во различни земји, но неговата судбина е Англија каде завршува во логор и таму е еден од 90 преживеани од вкупно 1.000 луѓе.
Се борел на источниот фронт три години, освојувајќи пет медали вклучувајќи и Железен Крст, но подоцна бил заробен од страна на Британците. Кога војната завршила, тој решил да остане во Англија и да брани за локален тим по име Сент Хеленс Таун.
Настапите му донеле репутација како одличен голман, па така почнале да го следат и големи клубови. Во октомври 1949-та потпишува за Манчестер Сити, клуб кој и тогаш бил дел од првата англиска лига.
Одлуката на прволигашот за ангажирањето на нацист, инаку и падобранец, предизвикала протести на кои излегле 20.000 луѓе. Со текот на времето почнале да го прифаќаат во градот, а тој испуштил само пет од следните 250 натпревари на Сити.
„Се чувствувам како Англичанец во срцето. Кога луѓето ме прашуваат за животот им велам дека мојата едукација почна тука. Во Англија научив за хуманоста, толеранцијата и простувањето", изјави Траутман во 2010 година.
Пресвртницата во животот му се случила на финалето во ФА Купот против Бирминген во 1956-та година. Сити триумфирал со 3:1, а Траутман во 75 минута се жалел на тешка повреда на вратот, но и по прегледот на лекарите продолжил да брани и со големи болки одбранил неколку клучни удари на противничкиот тим.
Храбриот голман со болни гримаси го напуштил теренот, а три дена подоцна анализите покажале дека пет пршлени на вратот му биле изместени, а еден од нив бил скршен на две места за што и самиот тој и никој околу него не бил свесен.
„До сега го имам објаснувано тој момент 1.636 пати. Каде и да одам ме прашуваат за вратот. Сè уште имам болки кога ќе направам некои движења. Имав навистина голема среќа затоа што докторите ми рекоа дека сум можел да умрам или да останам парализиран", раскажал херојот.
Од заробеник во логор, Траутман стана една од најголемите легенди на Сити со дури 545 настапи од 1949-та до 1964-та година, а во годината кога го освои ФА Купот прогласен е за играч на годината во Англија.
Наградуван е поради тоа што успеал да ги зближи Германија и Англија, а за херојските 15 минути од неговиот живот во 2004 година доби орден од англиската Кралица.
Траутман имал многу црни моменти во животот. Само еден месец по финалниот меч бил убиен неговиот 6 годишен син. Иако потоа станал татко на уште две машки деца, неговата сопруга никогаш не го преболила тој момент и починала со скршено срце.
Потоа се оженил уште два пати и авантуристички го поминал животот живеејќи во Бурма, Танзанија, Либерија, Пакистан и Јемен каде ги учел луѓето за тренерскиот занает.
Легендарниот голман успеа да го преживее најкрвавиот настан во историјата, да го спаси својот тим од пораз со скршен врат, да биде возвишуван како херој во британскиот спорт и да живее неполни 9 децении.
Почина на 19 јули 2013 година на 89 годишна возраст.
Ова е трејлерот за филмот кој ќе се прикажува во кино салите на островот од 5 април.