Голем удар за Манчестер Сити, обвинет е за повеќе од 100 прекршувања на финансискиот фер плеј

Актуелниот шампион на Англија е во голема каша. Во игра се одземање бодови, па дури и исфрлање од Премиер лигата.

Премиер лигата го обвини Манчестер Сити за повеќе од 100 прекршувања на финансискиот фер плеј во периодот 2009-2018, после истрага која траела четири години.

Во соопштението стои дека клубот ги прекршил правилата кои бараат од нив да дадат точни финансиски информации и правичен преглед на финансиската состојба на клубот.

БиБиСи пишува дека ги покривале приходите на клубот од спонзорствата и оперативните трошоци.

Премиер лигата соопштува дека Сити ги прекршил правилата поврзани со регулативите на УЕФА, како што е финансискиот фер плеј (ФФП) од 2013/2014 до 2017/2018.

Дополнителните наводни прекршувања се однесуваат на правилата кои бараат целосни детали за наградите на тренерот од сезоната 2009/2010 до 2012/2013, кога ги водеше Роберто Манчини и наградите за играчите меѓу 2010/2011 и 2015/2016.

Комисијата може да изрече казни вклучувајќи парична казна, одземање бодови и исфрлање од Премиер лигата.

Пред три години, УЕФА почна истрага против Манчестер Сити откако германскиот весник Шпигел објави протечени документи со кои се тврдеше дека клубот ја зголемил вредноста на спонзорскиот договор.

За тоа добија двегодишна забрана од европските натпреварувања, која беше поништена од Судот за спортска арбитража.

Минатата сезона Сити ја освои својата шеста титула во Премиер лигата откако групацијата Абу Даби Јунајтед Груп го презеде клубот во 2008 година.

Викендов загубија од Тотенхем и остануваат втори со -5 зад Арсенал.

6 февруари 2023 - 12:52