
Рикард Рики Пуч потпишал договор со агент. 22-годишниот талент на Барселона се договорил со менаџерот Артуро Каналес кој е еден од клучните луѓе во преговорите за враќање на Чави на „Камп Ноу“.
Последните денове Каналес во Доха работел на договорот на Чави со делегација на Каталонците на чело со првиот човек за спортски прашања Рафа Јост и директорот Матео Алемани.
Менаџерот Каналес има одлични односи со Барселона, пред неколку години ги застапувал Чави и Пике, а работи и со Умтити и Ракитиќ.
Претходно за кариерата на талентот Пуч се грижел татко му Карлос, ама сега фудбалерот се решил да продолжи со менаџер.
Интересно, Пуч секогаш трпеливо чекал шанса да заигра во прв тим и категорично ги одбивал сите понуди од други клубови. Дури и кога Роналд Куман отворено изјавил дека не го гледа Рики во составот и му рекол да си најде нова средина.
Сезонава Пуч одигра само 97 минути вкупно на пет меча и тоа на сите пет влезе од клупата.
Diario Sport пишал дека претседателот на Барса Жоан Лапорта како еден од условите до поранешниот тренер Куман назначил да се развива Пуч. Холанѓанецот преферираше други играчи па во тој период силно напредна 17-годишниот Педри кој веќе сериозно игра и за сениорска репрезентација на Шпанија.
Наводно Жозе Мурињо сериозно се заинтересирал да го донесе Пуч во Рома, но сега Рики изгледа конечно ќе добие своја шанса на „Камп Ноу“. На клупата седнува Чави, човекот кој од мал го знае Рики.
Некогашниот кандидат за претседател на Барса Виктор Фонт еднаш рекол: „Чави ми кажа дека кога тој би бил тренер на Барса, Рики Пуч би играл од старт“. Во 2019-та големата легенда на Барселона и на Шпанија рекол и: „Он (Пуч) има голем талент, он е инспиративен играч, никогаш не бега од топка, храбар е, спремен да игра на разни позиции во среден ред. Многу е добар“.
Чави дури еднаш и го побарал на позајмица во Ал Сад но младиот талент одбил за да остане во Каталонија. Меѓу нив двајца има близок однос. Пуч е роден во Матадепер, градче на 10 километри од родниот град на Чави, Тераса.
Рики објавил и фотогафија од 2003-та година каде со брат му Тон седат во прегратка на новиот тренер на Барселона.
Чави еднаш рекол дека нивните семејства не се поврзани, но дека имаат заеднички пријатели. Стилот на игра на младиот Пуч често го споредуваа со тој на Иниеста и Чави.
Конечно дојде време да покаже што знае под водство на големиот волшебник кој правеше чуда со топката. Ќе тргне ли Пуч по неговите стапки на „Камп Ноу“ и ќе живне ли конечно заспаниот гигант?