Главата горе момци

Македонската фудбалска репрезентација го загуби и вториот меч на ЕП 2020, но овој пат со многу подобра и похрабра игра. Голема штета. Шевченко се препоти во второ полувреме.

Македонија одигра едно слабо и едно одлично полувреме кое не беше доволно за првите бодови на дебитантското Европско првенство и со пораз од 2:1 речиси ги загуби шансите за пласман во втората фаза.

Ангеловски се реши да направи само една измена во однос на мечот против Австријците и да го внесе Стефан Спировски во среден ред за сметка на Александар Трајковски во нападот.

Но првите 45 минути беа бледи за нашиот тим и токму во првото полувреме го загубија натпреварот со два примени гола во период од 5 минути. Најпрво стрелаше Јармоленко во 29-та минута по изведен корнер, а во 34-та минута Јаремчук зголеми на 2:0 после неуспешна офсајд стапица.

Украинците беа опасни и можеа со уште поголемо водство да заминат на пауза, но Столе Димитриевски вечерва беше одличен на голот и спаси чисти голови. На 7 минути до крајот на првиот дел Пандев постигна мајсторски гол со лоб, но му беше поништен поради офсајд.

Мрме фрли сè на една карта во вториот дел и уште на стартот ги внесе Трајковски и Чурлинов на местото на Спировски и Николов, а подоцна и Тричковски.

Македонија почна да игра офанзивен фудбал со намера да стигне барем до бод и постојано притискаше пред голот на Укранците.

Трудот вроди со плод по само 10 минути кога по бомбата на Трајковски која заврши во пречка, Пандев се избори за пенал. 2:1 во 57-ма минута, стрелец Алиоски кој по промашениот пенал, реагираше на прва.

Десетина минута претходно, на стартот на вториот дел Македонија пропушти 100% шанса. Пандев и Адеми имаа одлично двојно проигрување, но Бушан го скроти ударот на фудбалерот на Динамо Загреб и со крајни напори ја изби топката во корнер.

Нашите фудбалери притискаа со офанзивната постава и на моменти играа „Викторија“ пред голот на Украина, но како да немаше сили да извади бод. Последните два удари на мечот ги имаше Трајковски кој се закани од далеку.

Сега шансите за пласман во осминафинале се само теоретски. Третиот меч против Холандија го играме во понеделник во Амстердам со почеток од 18 часот.

17 јуни 2021 - 17:08