Драган Мутибариќ

Гимнастичар меѓу стативите!

Легендарната единица во црвено-црниот дрес има одиграно 461 натпревар, 11 за југословенската репрезентација и 5 за младинската, со која во 1968-ма го освојува и државниот куп. Во својата кариера бранел и во Бундес лигата (Шалке 04 и Швенинген), но и за Трепча, Тетекс и Македонија Ѓорче Петров. Добитник е на 13-Ноемврсиката награда, а четири пати бил и најдобар спортист на Македонија. Сè уште е сопственик на домашниот голмански рекорд од 1989 година -1004 минути без примен гол!

Од 1947 година до денес во вардаровиот историски фудбалски музеј има повеќе од педесет чувари на мрежата. Но, само до неговото име стои описот – пантер меѓу стативите! Драган Мутибариќ во тогашните навивачки кругови познат како Муто, од трчањето по крпената топка низ правливата калдрма на својот роден Стари Бечеј, преку Срем, во далечната 1966 година стигнал меѓу стативите на скопски Вардар. Таму, како и многумина пред, и по него, ги остварил своите соништа и по 35 години голмански и тренерски стаж, се запишал во вечната листа на македонските спортски легенди.

Денес, кога ја ситни осмата деценија од животот, а голманските ракавици и професионалната кариера одамна се зад него, тој сè уште е опсесивно вљубен во фудбалската игра и црвено-црниот дрес. Неговиот дом во скопската населба Лисиче е своевидна фудбалска галерија во која се изложени сите пехари, медали, признанија, награди, златни часовници, слики, фотографии и карикатури. Корпулентниот и маркантен некогашен врвен спортист, облечен во тренерка на која стои амблемот на „ФСМ“ уште на почетокот од нашиот разговор ја потсетува својата сопруга Милица, на нешто што веруваме, и таа одамна го знае.

РАЗГОВАРА И ПИШУВА: НОНЕ АБРАШЕВА НОЦИЌ

- Секогаш ќе бидеш на второ место. Мојата најголема љубов е фудбалот!
 
Вие сте од Стари Бечеј, но речиси целиот живот сте го поминале во Скопје. Како стигнавте во Вардар?
 
Стигнав на 7 јули - Иванден во 1966 година, кога мојот син Слободан имаше само шест недели. Во тоа време играв за српската репрезентација, а во Вардар дојдов на покана на тогашниот тренер Душан Варагиќ, кој ме знаеше од дете. Знаете, тоа беше друго време, убав период, во кој фудбалот секогаш беше главна тема за разговор. Играв со имиња како Дробац, Мечкаров, Георгиев, Плачков, Рац, Спасовски, Димитров, Шулинчевски, Сребров...Стадионите беа полни со гледачи, ние бевме мотивирани и настојувавме да покажеме врвна игра, со многу финеси. Најголема награда за нас беше кога на крајот со ракоплескање, некогаш дури и со овации, публиката ќе не испратеше од теренот. Без разлика дали сме победиле или не. Битно беше да се игра добар, би рекол романтичен фудбал.
 
Зажаливте ли некогаш што не останавте во Србија?
 
Не. Никогаш! Мене кариерата ми течеше по нагорна линија, бев сакан и почитуван овде кај што сум. Во Србија веќе немаме никого. Мачни ни се тие посети кога треба најмногу време да поминуваме на гробишта. Од друга страна таму сум Македонец, а овде Србин. А, јас најмногу се чувствувам како вардаровец...

Го изведовте почетниот удар на пријателскиот натпревар меѓу Вардар и Шалке што се играше во Скопје пред три години. Како е да се биде помеѓу играчите од двата клуба, кога и едните и другите некогаш биле „ваши“?
 
Првото гостување на Шалке во Скопје беше во 1976 година кога Вардар победи со резултат 3:1. Јас сум горд затоа што на некој начин сум линијата која ги поврзува овие два клуба. Шалке е голем европски тим со богата традиција. Учесник е во Лигата на шампионите и зад него е моќниот „Газпром“. Мислев дека ќе биде добро за Вардар и за Скопје оваа соработка и средба да се прошири и продлабочи на други нивоа.
 
На каква соработка мислевте?
 
Мислев дека може да се збратимат градовите Гезелкирхен и Скопје, исто како што се збратимени и навивачките групи на двата тима „Комитите“ со „УГЕ“. Инсистирав кај тогашниот градоначалник Трајановски да се направи нешто, но за жал до поблиска соработка не дојде. Освен што неколку наши девојки среќно се омажија во Гелзенкирхен.
 
Во Шалке заминавте во 1975 година. Како го паметите тоа време? Како бевте прифатени од екипата и од навивачите?
 
Некако веднаш ми стана јасно дека е голем клуб, со раководство кое е максимално посветено на работата и клубските цели, екипа која има навивачи кои му се неверојатно верни. Заедно со мене во Шалке тогаш дојде и словенецот Бране Облак кој беше голема фудбалска ѕвезда. За жал не ми беше наклонет. Мојата Германска епизода имаше и добри и лоши страни. На крајот решив да се вратам во Македонија.

Што мислите за македонскиот фудбал денес, по оние долги години на зачманеност и затишје? Имате ли впечаток како работите да се придвижуваат на поарно?
 
Откако е Самсоненко на кормилото, значително се подобрени условите и за тренинзи и за сите пропратни активности. Изграден е прекрасен објект на Вардар академијата, нов спортски центар во Хиподром. Се обрнува поголемо внимание на младите спортисти што е клучно за понатамошен успех на клубот. Тоа најмногу ме радува.
 
По осамостојувањето на Македонија бевте и тренер на голманите. Ви легна ли таа работа?
 
За секој човек доаѓа време кога наученото и стекнатото искуство низ годините треба да го пренесе на генерациите што доаѓаат. Јас тоа го направив во тимот на Ѓоко Хаџиевски. Со Вардар учествував во освојувањето на шест титули и пет купа на Македонија. Задоволството е уште поголемо ако речам дека од таа школа се изродија Филевски, Милошевски, Јовчев, еден период и репрезентативниот голман Целевски.
 
Кои карактеристики треба да ги има еден добар голман?
 
Уф, па најпро треба да биде интелигентен. Тоа е најважно. Да биде упорен и напорно да работи. Талентот може и не мора да е пресуден. Да биде висок најмалку 182 сантиметри. Да има добри рефлекси. Да биде пожртвуван во играта....

Кој е според вас најдобриот голман на сите времиња?
 
Буфон е неприкосновен, тука е и Едвин ван дер Сар, а морам да го споменам и Петер Шмајхел.
 
Иако бевте голман, сте шутирале и пенали. Колку голови сте дале во кариерата?
 
По медиумите тогаш спортските коментатори ме нарекуваа „гумениот“, затоа што бев еластичен како гимнастичар. Да, имам шутирано и осум пенали. Шест голови дадов, два не. На квалификациониот натпревар со Осиек, за влез во прва лига противничкиот голман Крсмановиќ ми одбрани удар. Сепак, со решавачкиот гол на Мето Спасовски во тие рулет пенали влеговме во Прва лига. Вториот пат промашив пенал во дуелот со Партизан во 82-та минута. Изгубивме. Бев виновен за тој пораз.
 
Колку е променета фудбалската игра од вашето време до денес?
 
Не само што се променети некои правила, туку и играта е различна. Акциите се изведуваат брзо, динамично, прецизно, без импровизации, по предходно увежбан терк. Во наше време имаше „уметнички впечатоци“, дриблинзи, држење на топката, затоа што публиката тоа го бараше и сакаше. Денес за такво нешто може и да те казнат. Модерниот фудбал ми е во таа смисла по малку здодевен.

Што мислите за милионските трансфери на некои играчи? Заслужени и оправдани ли се толкави суми?
 
Ако се размислува рационално, човечки, не се. Но, треба да знаете дека во денешното модерно менаџирање, во најпознатите и најтрофејните светски клубови постојат цели тимови кои работат на маркетингот. Тогаш, има логика тоа што се прави. Целта се поголеми профити за сите.
 
Колку може да помогнат или одмогнат навивачите за успехот на еден клуб?
 
Навивачките групи но и останатите посетители на трибините се повеќе од пожелни. Казна е да се игра на празен стадион! Се сеќавам дека за време на мојата најголема популарност публиката ме носела на раце од теренот на Градски до ГТЦ. Од друга страна тешко е кога ќе „изедеш“ некој факел или камен по главата.
 
Ви се случило ли тоа?
 
Повеќе пати.

Сте имале ли сериозни спортски повреди во текот на кариерата?
 
Уф, кога би ги паметел сите. Она што е сериозно за обичен човек, за нас е обична гребаница. Четири пати имав потрес на мозокот, неколку пати скршени ребра, имам проширено срце но тоа се смета за горе-доле нормално и тешка повреда на коленото. Коленото не го повредив во игра, туку во сообраќајна незгода при судар на возови во близина на Ристовац крај Врање. Поради таа повреда не отидов на испраќањето на Пеле во Бразил 1968 година, затоа што лежев во болница неколку недели. Од многуте падови низ годините, во 2006 година морав да го оперирам рбетот, зошто имав неподносливи болки. Го молев професорот Спасе Јовковски да го направи тоа побргу, бидејќи останував без социјално осигурување. Истиот месец ми истекуваше работниот договор со Вардар.
 
За кого навивате?
 
Вардар е пред сите. Жал ми е што малку ме подзаборавија, па не ми даваат ниту карти за натпреварите што се играат во Скопје. Навивам и за Партизан, Реал Мадрид и Челзи.

И Вашиот син Слободан е дете на Вардар. Задоволен ли сте што тргна по вашите стапки?
 
Се разбира. Тој си направи успешна кариера во македонските клубови, а сега работи како тренер на младите голмани.
 
Имате ли други, поинакви интереси освен фудбалот?
 
Пред да ми ја направат операцијата, знаев да отидам по риба. Сега веќе не. На телевизија сакам понекогаш да гледам тенис и кошарка. Како може да имам други интереси кога цел живот спиев со топката до перница?
14 декември 2017 - 18:00