Германија и Португалија на дисциплинска

Европската фудбалска асоцијација најави дека ќе покрене дисциплинска постапка против фудбалските федерации на Германија и Португалија и дека двете асоцијации се соочуваат со евентуална казна.

"Германската федерација ќе биде санкционирана поради користење на пиротехнички средства страна на навивачите, кои го прославуваа погодокот на Марио Гомез. Против Португалија се поведува дисциплинска постапка бидејќи фудбалерите доцнеа со излегувањето на теренот пред почетокот на второто полувреме", се вели во соопштението што го објави УЕФА.

Евентуалните санкции за двата сојузи ќе бидат познати на 14 јуни, а доколку има незадоволни страни по објавувањето на одлуката, рокот за жалба е три дена.

Ова е веќе трета дисциплинска постапка за учесниците на Европското првенство во Полска и Украина, откако еден ден претходно отворена е истрага поради однесувањето на навивачите на Русија за време и по завршувањето на натпреварот со Чешка.

10 јуни 2012 - 21:18