Горан Пандев на 27 јули ќе наполни 37 години и веќе го најави своето повлекување од фудбалот кое доколку не постоеше Ковид 19, ќе му се случеше ова лето.
Но одложувањето на Европското првенство 2020 за идното лето му ги сменија плановите, што значи дека најверојатно ќе ја смени одлуката и пензијата ќе ја одложи за догодина.
Фудбалските легенди се препознаваат во вакви моменти, кога дури и на крајот на кариерата добиваат отворени понуди, како што тоа го направи првиот човек на Џенова, Енрико Прециози.
Тој можеше слободно да се откаже од неговите услуги и платата да ја дава на некое младо надежно дете кое би било иднината на клубот, но сепак Пандев има вредност и педигре, за кој го вели следново:
„На последната средба му реков: Сакаш на играш на ЕП? Добро, тогаш остани кај нас колку што сакаш. Пандев е еден од најсериозните играчи што сум го сретнал и сум многу поврзан со него. Тој остава неизбришлив белег кај нас“, изјави Прециози.
Пандев продолжува со фудбал на 23 јуни кога Џенова ќе ја пречека Парма и со тоа ја продолжува битката за опстанок.