Приказната за ова момче доаѓа од Санта Марта, Колумбија каде уште од најмала возраст првата топка ја шутирал на улица. Но пресвртот во неговиот живот се случил на 8 годишна возраст кога неговата мајка по разводот се преселила во Швајцарија, а со него ги земала и четирите деца, меѓу кои и неоткриениот талентиран фудбалер.
Почетоците за него биле тешки затоа освен шпанскиот не разбирал друг јазик. Мака мачел во училишните клупи, а згора на се првиот негов тренер го ставил на голманската позиција. Само малку време било потребно за да се забележи дека Јохан умее подобро во фудбалот да ги користи нозете отколку рацете, а тоа го докажал како напаѓач со 28 постигнати гола во првата негова сезона во младинските лиги.
Од тогаш кариерата на младиот колумбиец тргнала во нагорна линија. На 15 годишна возраст станал член на Јанг Бојс, а по две години се преселил во Холандија, во екипата на ПСВ. Добил и швајцарски пасош и ги поминал сите селекции почнувајќи од У16, па се до А репрезентацијата на Швајцарија.
На ЕУРО 2004 во Португалија на нерешениот натпревар против Франција го постигнал погодокот со кој го надминал рекордот на Вејн Руни, кој се случи само 3 месеци претходно и со тоа станал најмладиот фудбалер кој постигнал гол на европските првенства.
Фолантен сменил уште неколку клубови во својата кариера. Настапувал за Бреша, НАЦ Бреда, Салцбург и Цирих, но почнал да го губи интересот за фудбалот. Љубовта од зелените терени ја насочил кон духовноста, и по една средба со својата тетка од Санта Марта станал дел од Христијанската адвентистичка црква.
Карактерот на Јохан му го отежнал односот со неговите тренери и кога настапувал за Бреда, негова пријателка која исто така по верување била адвентистка му се јавила за да му каже дека на сон му ги видела кавгите со тренерите и соиграчите. На тоа најмногу се зачудил самиот фудбалер кој не можел да поверува дека сето тоа што му се случува, го сонувала неговата пријателка.
Иако заработувал одлично, научил 5 јазици и бил мета на големи клубови, сепак Фонлантен се одлучил на друг живот, станал великодушен и повеќе сакал да дава, отколку да има. Парите што ги заработувал ги давал на адвентистите и на оние на кои им биле потребни.
Откако ги одбил силните европски клубови одлучил да се врати во родната Колумбија и потпишал за екипата на Итагуи. По само една сезона, се здобил со тешка повреда на коленото и одлучил да се пензионира во мај 2012 година. Од славен рекордер кој го надмина достигнување на Руни, станал проповедник.