Репрезентацијата на Бахреин два пати беше многу близу до историски пласман на Светско првенство - во 2006 и во 2010, но два пати изгуби во бараж натпреварите до противник од Океанија.
Особено болно испаѓање имале во 2009-та кога прво изгубиле 1:0 од Нов Зеланд а на реваншот локалната ѕвезда Сајед Аднан (таа година го номинирале дури и за наградата најдобар играч на Азија), промашил пенал кој ќе го однел Бахреин на Мундијал првпат во историјата.
Две години подоцна, по Северна Африка и Блискиот Исток започна Арапската пролет - бранови протести против авторитарните режими.
И во Бахреин почнаа демонстрации како и во Либија, Египет, Сирија, но за разлика од нив, Бахреин е една од земјите каде власта жестоко ги задуши сите револуции на опозицијата.
Најмногу благодарение на ОАЕ, Саудиска Арабија и Катар.
Протестите во Бахреин биле задушени за еден месец, а организаторите ги фрлиле во затвор. Кралското семејство Ал-Халифа е од сунитската линија на исламот, но околу 85% од населението во земјата се шиити и поради тоа одамна имало тензии.
Ал-Халифа има поддршка од арапските сунитски земји, особено од Саудиска Арабија која активно учествува во задушување револуции и демонстрации во соседните земји.
Во протестите настрадале и многу познати спортисти и јавни личности кои ја поддржале буната.
Меѓу нив и оној фудбалер од почетокот на приказнава, како и неговите соиграчи - браќата Ајал и Мохамед Хубеил и голманот на репрезентацијата Саед Џафер. Сите биле уапсени. Еден од браќата бил лекар по професија и за време на протестите им помагал на настраданите.
На ден до неговото апсење, тој на телевизија видел како фудбалерите жестоко ја критикуваат власта во директен пренос. Му се јавил на брат му Ајал и му викал како смеел да направи такво нешто. Следното утро полицијата дошла кај нив дома: луѓе во маски ја скршиле вратата, им ги свиткале рацете и ги однеле во затвор.
Нивните дела биле разгледувани тајно. Браќата на крајот добиле по 2 години а клубот моментално ги отпуштил.
После две години во затвор, фудбалерите побегнале од земјата: Браќата Хубеил во Оман, а Аднан во Австралија. Таму во 2014 избегал и еден младински репрезентативец на Бахреин, Хаким ал-Араиби чиј брат останал во татковината и завршил во затвор.
****
Младиот Хаким во 2012 бил притворен поради учество во протестите и напад на полицијата. Како што соопштила организацијата за заштита на човековите права Amnesty International, бахреинскиот суд не земал предвид дека за време на протсетите, Хаким Ал Араиби бил во Катар каде играл натпревар кој бил пренесуван во живо.
По бегството, Хаким Ал Араиби раскажал дека во затворот нечовечки се однесувале со него. „Ми ги врзаа очите и силно ме удираа по нозете. Ми викаа дека веќе никогаш нема да заиграм фудбал и дека ќе ми ја уништат иднината.“
Хаким во Австралија побарал азил поради политички прогон и во 2017 конечно добил статус на бегалец. Скоро се оженил и игра за полу-професионален клуб.
****
Проблемите на бахреинските фудбалери биле уште поголеми поради тоа што претседател на Фудбалската федерација на Бахреин бил шеикот Салман бин Ибрахим ал Халифа - член на кралското семејство.
Денес овој шеик е прв човек на Азиската фудбалска конфедерација а во 2016 за малку не стана претседател на ФИФА (изгуби од Џани Инфантино).
Во 2012 година Салман не застанал зад затворените фудбалери - во Бахреин пишувале дека тој го водел комитетот кој требал да ги означи играчите кои учествувале во протестите и да осигура дека сите ќе добијат соодветни казни.
Во разговор со европските медиуми, шеикот ја демантирал оваа информација, но во Бахреин за неговиот комитет пишувале дури и државните медиуми.
На крај околу 150 фудбалери, тренери и судии биле обвинети.
Браќата Хубеили и Аднан (човекот што промаши пенал за пласман на Мундијал) после неколку години се вратиле во Бахреин каде им ги тргнале сите обвинувања. Во 2016 Ајал учествувал дури и во претседателската кампања на шеикот Салман во ФИФА, а Аднан се вратил и во репрезентацијата. Само младиот репрезентативец Хаким Ал-Араиби не добил амнестија.
ЦЕЛИОТ ЗАПАДЕН СВЕТ НА НОЗЕ ЗА ХАКИМ
Во ноември 2018-та, Хаким тргнал на меден месец од Австралија на Тајланд. Но таму на аеродромот во Бангкок го уапсила локалната полиција.
Властите во Бахреин сакале по секоја цена тој да биде екстрадиран во земјата и откако не можеле да го вратат, пуштиле црвена потерница по Интерпол како „посебно опасен престапник“ и го осудиле на 10 години во отсуство.
Прв во негова одбрана застанал неговиот австралиски клуб Паско Вејл од Мелбурн. Мелбурнците доставиле писма до ФИФА, до Азиската конфедерација и други инстанци со барање за помош фудбалерот да се врати во Австралија наместо да биде екстрадиран во Бахреин.
ФИФА го поддржала фудбалерот и на официјалниот сајт објавиле соопштение во кое бараат итно решавање на ситуацијата на Хаким ал Араиби.
Тој веќе 50-ина дена е во тајландскиот затвор и во секој момент може да биде пратен во имиграционен центар од каде ќе го екстрадираат за Бахреин. Тоа најмногу го плашело.
„Во Бахреин ќе ме испрашуваат. Ако ме екстрадираат, не ме заборавајте. Знам дека тоа ќе се случи. Во таа земја нема човекови права. Ќе ме убијат таму. Мојот живот ќе заврши. Имам статус на бегалец во Австралија. Се плашам од бахреинското судство“, изјавил Ал Араиби.
Во Австралија активно работат да му издадат државјанство и сите потребни документи за тој да може да избегне депортација.
Јавно го поддржал и поранешниот капитен на репрезентацијата на Австралија Крејг Фостер кој работи како стручен коментар, а на социјалните мрежи се појавил хаштаг #SaveHakeem.
За негово брзо ослободување и враќање во Австралија се заложила и министерката за надворешни работи на оваа земја Мариз Пејн која ветила дека ќе издејствува враќање на Хаким во Мелбурн но уште нема никаква најава дека направила нешто.
Кампањата за ослободување на Хаким ја поддржала и 18-годишната Рахаф ал Кунун од Саудиска Арабија чиј случај стана светски познат. Таа избегала од Саудиска Арабија, се одрекла од исламот и сакала да стигне во Австралија. Но на преседување во Бангкок член на саудискиот конзулат ѝ го одзел пасошот.
На 6 јануари таа се сокрила во хотелска соба и барала помош на Твитер. Нејзиниот апел брзо се проширил по медиумите и една австралиска новинарка и помогнала да избегне депортација па реисот заминал без 18-годишната Рахаф.
Случајот стигнал и до ООН а веќе после пар дена Канада и дала статус на бегалец. Девојката полетала од Тајланд кон Сеул а од таму во Торонто. За тоа време Хаким Ал Араиби уште е во затвор.
Шеикот Салман и денес ја води Азиската фудбалска федерација и активно зборувал за тамошните медиуми дека „работат на случајот со ФИФА и Фудбалската федерација на Тајланд.“
Раководители на Фудбалската федерација на Австралија се сретнале со Салман 40 дена откако Хаким бил затворен, но деталите од средбата не се познати.
Репрезентацијата на Бахреин по настаните во 2011 година опаднала резултатски и не ја поминала ниту првата етапа во квалификациите за Светско првенство.
На Купот на Азија 2019 кои се игра во моментов, Бахреин е последен во групата после две кола: изгуби од Тајланд (0:1) и одигра нерешено со ОАЕ (1:1).