Српските медиуми неколку часа нагаѓаа за кој играч би можело да станува збор, а на крај од тамошното Државно обвинителство стигна потврда дека се работи за Лука Јовиќ, фудбалерот на Реал Мадрид.
Јовиќ пред неколку дена соопштил дека бил во базен со американскиот кошаркар Томпкинс кој беше прв кошаркар позитивен на коронавирус во Шпанија, но тестирањата покажале дека репрезентативецот на Србија не бил инфициран. И наместо да ги следи препораките на речиси сите европски влади да се остане дома, тој фатил авион за Србија и се шетал по кафулиња за да го прослави роденденот на неговата девојка Софија.
Лука Јовиќ спаѓал во ризична група затоа што дошол од земја која е меѓу најпогодените од коронавирусот.
Јовиќ направил кривично дело од членот 248 според Кривичниот закон, односно непостапување по здравствени прописи за време на епидемија. Според членот на овој закон, пропишана е парична казна но и затвор до 3 години.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ пред неколку дена изјави дека секој оној којшто нема да ги почитува мерките за непостапување според закон, може да оди 3 години во затвор.
Полицијата во Србија била и до станот на Никола Нинковиќ, фудбалер од италијанската лига но наводно тој не добил упатство за самоизолација иако тоа се подразбира.