Енди ван дер Мејде беше еден од ајаксовите фудбалски бисери и член на познатата генерација заедно со Ибрахимовиќ, Киву, Снајдер, Ван дер Варт, Максвел... Со Ајакс освои две шампионски титули во Холандија и три Купа, по што следеше голем трансфер во Интер.
Неговиот живот од тој момент започнува да се движи во надолна линија и по серијата повреди тој се обиде да ја поправи кариерата со трансфер.
На негова адреса пристигнува богата понуда од Монако, но тој е приморан да ја одбие заради една зебра. Неговата сопруга имала миленик зебра која нема да можела да ја чува во стан во Монако каде нема куќи, па холандскиот репрезентативец потпишал за Евертон.
„Тогаш ја потпишав мојата смртна казна. Во почетокот беше во ред, но следеше повреда и ми се роди ќерка која половина година помина во болница заради здравствени проблеми. Се заљубив во друга жена, а мојата сопруга тоа го дозна и се разведе од мене. Зебрата беше добра... Тогаш се сруши сè", изјави Холанѓанецот.
Пиел многу алкохол и почнал да шмрка кокаин. Договорот му истекол и тој решил да се врати во Холандија. По шест месеци неиграње, успева да потпише договор со ПСВ, но откако цела година не настапи на ниту еден натпревар, Ван дер Мејде во 2011-та година реши да стави крај на својата професионална кариера на 31 година.
Откако се откажа од фудбалот, големиот талент реши да ја смени професијата и стана шанкер. Поточно, Ван дер Мејде завршил курс и станал специјалист за правење кафе и си отвори кафуле во Амстердам каде тој самиот ќе приготвува еспресо и капучино.
„Време беше да променам нешто во животот. 15 години се трудев да успеам во животот. Правев сешто и сум видел сè. Можам да напишам книга. Решив да градам кариера на многу пофин начин. Од сега ќе можете да пробата кафе А ла Ван дер Мејде во Амстердам", изјави „Лошото момче".