Ова е прашање кое се повторува од време на време. Каде е и што прави Фреди Аду?
Кариерата на детето кое со 13 години го сметаа за ’новиот Пеле’ и чијшто спонзор беше Nike кој му даваше милион долари годишно, уште не престана да се арчи околу светот.
Иако веќе една деценија лута во светот на фудбалот, денес Фреди има 26 години (роден е 1989-та) и игра во Тампа Беј Раудис во НАСЛ, втората лига на САД. Овој тим неодамна го победи Космос на Раул и Сена.
Добро. Оправдувањето што зборуваме за Фреди Аду овој пат е куриозниот Твит кој го постираше. Аду во него рекламира безжична правосмукалка која што и самиот ја користел. Огласот може да го видите редовно ако отворате Твитер, но чудно делува што главен актер на рекламата е човекот кој го споредуваа со еден Пеле.
Да, на некој начин да имаш врвен договор со Nike и да бидеш споредуван со Пеле, а на крајот да рекламираш правосмукалки веројатно е најдобрата метафора за една пропадната спортска кариера со многу очекувања.
Фреди Аду дебитираше на 14 години во МЛС лигата за Ди-Си Јунајтед од Вашингтон, место каде живеат неговите родители кои емигрирале од Гана во САД кога Фреди имал само шест години. Аду во тој период беше чудо од дете. Целиот свет зборуваше за феноменот од 14 години кој игра сениорски фудбал.
Одигра 87 меча и постигна 11 голови, а потоа премина во Ријл Солт Лејк каде потпиша 6-годишен договор за 500.000 долари по сезона. На 18 години реши да се проба во Европа. Бенфика го плати 2 милиони евра, тогаш Аду во 2007-ма настапуваше и на Светското младинско за играчи до 20 години.
Се појавуваше и на реклами за видеоиграта ФИФА.
Од преселбата во Португалија како да започна неговиот стрмоглав пад. Даде 5 гола на 18 меча во Португалија но тоа не било доволно да го задржат па почна серија на трансфери за да стигне до катастрофалното дно: Монако (9 меча), Белененшеш (3 меча), Арис Солун (9 меча, 1 гол), Чајкур Ризеспор (4 гола на 11 меча).
Патот го врати во САД. Потпиша за Филаделфија Унион. Од 2012 до 2015-та одново се тркалаше по фудбалските периферии. Одигра само 59 минути вкупно за бразилскиот Бахија. Стана играч и на норвешкиот Стабаек каде тренер му беше селекторот на САД, Боб Бредли (денес тренер на Свонси).
Од Норвешка се пресели во англискиот Блекпул, а верувале или не одигра и 14 минути во дресот на Јагодина во српскиот куп. Потоа го носеше дресот на финскиот Куопион Палусеура од март до јуни и одигра пет меча. Ќе го паметиме по тоа што беше едно од најголемите чуда на мегапопуларната игра Football Manager и по вртоглавите договори со Nike.
Во моментов, Тампа Беј Роудис е 13-та екипа во неговата кариера.
Нема сомнеж, Фреди Аду никогаш нема да стане играч каков што требаше да биде. Меурот пукна одамна, но барем ќе може да се пофали дека играл Самба во Рио, пиел Узо во Грција, јадел печење во Србија и пробал донер во Турција.
За правосмукалките никогаш нема да биде доцна.