Море Французите се добри на ова ЕП, претходното само со еден автогол го истуркале

Финалистот на двата последни Мундијали од кои едниот и го освои е непрепознатлив на Европското во Германија. Недопадливи, неатрактивни и посебно неефикасни и тоа со Мбапе, Гризман, Турам, Жиру, Дембеле.

Оваа напаѓачка петорка има нестварно лош скор на првите четири меча од ЕП 2024, а тоа е само 1 гол или со букви ЕДЕН. Килијан Мбапе од пенал против Полска, толку.

Како стигнаа до четвртфинале? Со голот од пенал и плус два автогола. Едниот на Австријците, другиот синоќа на Белгијците. Мизерија. Против Холандија одигра 0:0.

Да зборуваме за селекција од втор или трет ешалон, ајде, но во прашање е една од најмоќните репрезентации и една од најсериозните кандидати за трофејот.

Ако се фрли око само во нивната најблиска историја, ќе се дојде до: Светски шампиони 1998 и 2018 и вицешампиони 2006 и 2022.

Но на ЕП после титулата 2000-та ич не им оди. Ако групната фаза и осминафиналето во ова издание ги поминаа со два автогола и пенал, тогаш изглегува дека дури и се подобри од минатото ЕП на кое поминале со еден автогол, доволен за победа против Германија. Стрелец Хумелс.

На другите два меча ремизирале, исто како сега. 1:1 против Унгарија и 2:2 со Португалија. Со таа разлика што пред три години не успеаа да го минат осминафиналето и беа елиминирани од Швајцарија на пенали. Промаши само Мбапе.

Заклучокот од статистиката на последните две европски првенства, е дека Франција поминува групи со по една победа и тоа во двата наврати со помош на автогол.

Се вративме уште малку поназад и што да видиме. Французите со една победа ги минале и групите на ЕП 2012 (2:0 против Украина). Во 2008-ма пак не ни стигнале до нокаут фаза. Дебакл од Холандија 4:1, пораз од Италија 2:0 и 0:0 со Романија.

 

 

2 јули 2024 - 12:46