Фудбалерите на Тарбе, на 2 октомври во 18 часот имале закажана средба против Вабре Абаје во рамките на 4. коло од Купот на Франција.
Сè тоа убаво, ама само уште да знаеле како да стигнат на гости. Патувањето им е тотално авантуристичко со доста примеси на хумор и врвно за во селски фудбал.
Правилникот во законот за спорт едноставно не им дозволил да се борат преку 90 минутна фудбалска битка кој да оди понатаму и мечот го загубиле службено.
Пазете што им се случило на легендиве.
Тргнале на пат и кога во еден момент шоферот не бил сигурен дека вози на право место застанале во местото Тарн, каде полицаец им објаснувал како да стигнат до Вабре.
Но проблемот бил тоа што на патот по кој тргнале, последна дестинација бил комплекс кој се вика Вабре, а не селото со исто име каде требале да го играат мечот.
Па клубот на тој начин целосно го утнал правецот и тргнал во погрешно место. И потоа настанува циркуз за кој пишува порталот actu.fr.
Автобусот свртел по обиколница и стигнал до вистинската дестинација, но налетал на велосипедска трка. Од страна имало паркирани автомобили кои му сметале на автобусот да не може да маневрира, па ги преместувале со помош на жителите.
И тука не завршува нивниот незаборавен роуд трип поради кој задоцниле на мечот. Во Вабре имало мост, тесен и непрооден за автобус и единствено чаре било играчите да трчаат еден километар до теренот.
Таму ги чекало сурово соопштение, дека доцнат 45 минути, а правилата дозволуваат доцнење од 15 минути. На тој начин Тарбес ја губи службено средбата 3:0 и тоа во меч на кој важел за фаворит.
Ги проверивме actu.fr, не се сајт за сатира вести. Нивните француски колеги getfootballnewsfrance.com тврдат па дека „Џи Пи Ес“ уредот зезнал работа.
Како и да е, приказнава е уникатна, а фудбалерите на Вабре славеа за победата над фаворитот, кој го добија без да се испотат.