Франција во чудо: Лион од 1-4 до 5-4 со Монпеље

Фудбалските лиги ширум Европа полека стигнуваат до самиот крај и наскоро ќе се знае конечниот пласман во секое првенство. Во меѓувреме во француската Лига1 меч од соништата одиграа Лион и Монпеље. Такво нешто не се памети.

ПО ЧЕТИРИ ГОЛА НА ИСТ НАТПРЕВАР ПОСТИГНА ЛАКАЗЕТ И МЛАДИОТ ЕЛЕ ВАИ КОГО ВЕЌЕ ГО БАРААТ АРСЕНАЛ, ТОТНЕМ И БОРУСИЈА

Фудбалерите на Лион имаат турбулентна сезона во која може секого да победат но и да изгубат од секого. Таквата топло-ладно форма ја покажаа и во неделата на мечот со Монпеље.

Олимпик Лион губеше со страшни 1-4 во 55-та минута од натпреварот пред своите гледачи.

Блескава партија одигра младиот талент Еле Ваи (20) од Монпеље кој ги постигна сите четири гола за гостите и ги натера домашните гледачи дури и да го наградат со аплауз. Тој пред крајот на првиот дел искористи две грешки на 20-годишниот домашен играч Жоан Лепенан, а во вториот дел реализираше пенал и ефикасно заврши контранапад за шокантни 1-4.

Ваи има само 20 години а во Лига 1 сезонава има 17 гола и 5 асистенции. Во декември 2022-ра година го израмни рекордот на Килијан Мбапе и стана втор играч во историјата кој до 20 години постигнал 20 гола во Лига 1. За него голем интерес веќе покажале Арсенал, Тотенхем и Борусија.

КАКО МЕЧОТ ДОЈДЕ ДО ШОКАНТНЕН ПРЕСВРТ

Мечот од соништата, како што му наденаа епитет француските новинари, таков го направи и Александар Лаказет, капитенот на Лион кој исто како и младиот Ваи постигна четири гола синоќа! А последниот погодок му беше победнички на мечот.

Лион доби пенал во 99-та минута од судиско продолжение, топката ја намести Лаказет при резултат 4:4 откако претходно направи хет-трик во 30’, 58’ и 81’ минута.

„Игравме со карактер и успеавме да се вратиме со поддршка од навивачите“, пресреќен бил Лаказет после натпреварот.

Ова е прв случај во Лига1 уште по 1974-та на еден натпревар двата тима да дадат по 4 гола, претходно нешто такво имало на дуелот Реимс - Монако (8:4) кога Карлос Бјанки дал пет гола а Делио Онис четири!

За Монпеље ова ќе биде уште еден шокантен пораз во историјата и горко сеќавање на 1998-ма година кога воделе со страшни 4-0 против Марсеј но во вториот дел примиле пет гола и изгубиле 4-5 (два гола им дал Криштоф Дугари, еден од пенал Лоран Блан кој сега е тренер на Лион).

ЛАКАЗЕТ СЕ ВРАТИ ВО ЛИОН И ПОКАЖА ДЕКА Е МАЈСТОР

Алекс Лаказет во моментов води со Килијан Мбапе на листата најдобри стрелци во Лига1 со по 24 гола.

Алекс минатата сезона одигра слабо во Арсенал и даде само четири гола во Премиер лига од кои два од пенал. Навивачите не беа воопшто задоволни од него а Лаказет изгуби место од конкуренцијата Нкетија и Габи Жезус. Плус „топџиите“ не завршија во топ4 а Французинот сакал да игра Лига на шампиони.

Реши да се врати во Франција каде не му требаше никаква адаптација зошто дојде дома. За Лион тој е права клупска легенда со 157 гола на 310 меча и најдобар стрелец во историјата на клубот.

Интересно целата бајка меѓу Лаказет и Лион почнала уште во 2003-та година кога како 12-годишник дошол да тренира во клупската академија. Откако ги поминал сите возрасни категории на крај стигнал до првиот тим.

Во цели осум сезони по ред Лаказет блескаше. Во сезона 2016/2017 тој постигна дури 28 гола во Лига 1, а на 9 јануари 2016-та го постигнал првиот гол на новиот ултра модерен стадион „Групама“ каде што се всели Лион.

Во клубот 31-годишниот Лаказет го викаат генерал затоа што тој секогаш бил лидер за екипата и за навивачите кои дури и само преименувале некои улици во градот.

8 мај 2023 - 09:27