
Фарски Острови е репрезентација која направи најголеми чуда во овој циклус квалификации. Во месец октомври прво ја растурија Црна Гора со 4:0 а сега и Чешка на стадионот „Торсволур“ пред 6.000 гледачи.
При што со Чесите веруваа до победа до самиот крај: поведоа во 67-ма минута со голот на Ханус Соренсен, после 10 минути примија гол за 1:1 од Адам Карабец но во 81-ва се изборија за ново водство и триумф со голот на Мартин Агнарсон. Првпат во историјата имаат три победи по ред!
Во меѓувреме во оваа Група Л Хрватска синоќа го совлада Гибралтар со 3-0 и сега има 2 бода предност и натпревар помалку од второпласираната Чешка. Хрватите до крај играат дома со Фарски Острови и на гости со Црна Гора.
Нордиската земја која е рангирана 136-та на ФИФА ранг листата е на само три бода зад Хрватска и бод зад второпласираната Чешка.
Тие се автономна покраина на Данска и со само 55.000 жители би можеле да станат најмалата држава чија репрезентација некогаш се пласирала на едно Светско првенство!
Репрезентацијата на Фарски Острови не ги почна чудата во овој циклус квалификации. Нивниот подем започна пред неколку години. Во 2022-ра влегоа во Ц дивизија на Лига на нации и ја совладаа Турција дома а потоа играа нерешено со незгодниот Луксембург.
Во овој циклус квалификации:
- Во прво коло изгубија 2-1 од Чешка на гости со втор примен гол дури во 85-та минута;
- Изгубија 1-0 од Црна Гора на гости со гол примен во 90+6' минута;
- Дома победија 2-1 против Гибралтар;
- Изгубија 0-1 од Хрватска;
- Победија 4-0 над Црна Гора;
- Победија 2-1 против Чешка Република.
Сега до крајот на квалификациите имаат шанса макар за второ место и бараж но за тоа ги чека прво тешко гостување кај лидерот Хрватска на 14-ти ноември и дома против Гибралтар на 17-ти ноември.
НЕОБИЧЕН СТАТУС
Во политичка смисла Фарски Острови имаат необичен статус кој им дозволува истовремено да бидат дел од Данска како покрајина но да се наоѓаат надвор од Европскиот сојуз.
Фарски Острови не се влезени во Шенген зоната па на туристите им треба да добијат фаранска виза и тоа во данските институции. Архипелагот како и самата Данска е влезен во НАТО, но и тука има разногласие. Во 2021-ва година властите на Фарски Острови настапиле против изградба на радиолокациона станица затоа што на тој начин архипелагот би можел да стане цел на ракети на потенцијален противник во војна.
И со договор меѓу Торшавн и Копенхаген, Фарските Острови имале право на таква одлука.
На спортски план, пак, спортистите од Фарски Острови уште од 1984-та учестуваат на Паралимски игри под нивното знаме но само на летни. А на Олимписки Игри принудени се да ја претставуваат Данска. Што се однесува до фудбал, федерацијата на Фарски Острови станала член на ФИФА во 1988-ма, а член на УЕФА во 1990-та.
Репрезентацијата на архипелагот дебитирала во квалификации за Европско првенство 1992 (тогаш во прво коло направиле сензација и ја совладале Австрија). Во 1992-ра година освојувачот на титулата во домашното првенство и освојувачот на Купот првпат играле во турнири на УЕФА.